Најавени се конкретни инвестиции во македонскиот енергетски сектор, модернизација на капацитетите на АД ЕСМ и можности за финансирање капитални проекти од страна на чешката Влада. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека македонската Влада е посветена на стратешкото партнерство со Чешка и на реализацијата на проекти што ќе ја забрзаат транзицијата кон одржлива енергетика.
– Во Чешка имаме стабилен партнер, кој не само што има интерес туку и конкретна подготвеност да поддржи инвестиции во македонскиот енергетски сектор. Разговаравме за директните вложувања, како и за можностите за поволно финансирање големи инфраструктурни проекти со чешки компании. Модернизацијата на капацитетите на АД ЕСМ е еден од приоритетите, а токму во овој сегмент чешките компании имаат сериозен капацитет и експертиза – изјавила Божиновска по состанокот со директорот за економскиот сектор при чешкото Министерство за индустрија и трговија, Едуард Мурицки, и со директорот за нови енергетски технологии, Јан Прашил.
Од чешка страна била истакната подготвеноста за долгорочна поддршка, не само преку инвестиции туку и преку финансиски инструменти што ќе обезбедат поволни услови за реализација на проектите. Директорот на економскиот сектор при чешкото Министерство за индустрија и трговија, Едуард Мурицки, потенцирал дека Чешка гледа конкретни можности за стратешка соработка.
– Чешката Влада е подготвена да поддржи македонски енергетски проекти преку инвестиции и поволни финансиски механизми. Особено сме заинтересирани за соработка во делот на модернизацијата на енергетските капацитети и спроведувањето нови технологии, кои ќе придонесат за стабилност и одржливост – изјавил Мурицки.