– Ја следиме ситуацијата со сцените што ги изнајмуваме за потребите на нашиот фестивал во Прилеп. Сметаме дека здравјето, безбедноста и сигурноста на сите вклучени во организацијата на нашиот Фестивал, како и на нашата публика се најважни, вели за весникот ВЕЧЕР, Ана Стојаноска, уметничката директорка на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во пресрет на неговото 59. издание
-Сакаме да истакнеме дека 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи во Прилеп, откако ќе имаме потврда за сигурноста и исправноста на сцените на кои тој ќе се случува. Сега-засега, во координација со Центарот за култура „Марко Цепенков“, Министерството за култура и туризам и Градот Прилеп, работиме на тоа фестивалот да почне на одредениот датум (6 јуни) со планираната програма, вели за весникот ВЕЧЕР, Ана Стојаноска, уметничка директорка на „Војдан Чернодрински“.
Како што вели таа, во постојан контакт е со Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп.
– Ја следиме ситуацијата со сцените што ги изнајмуваме за потребите на нашиот фестивал во Прилеп. Сметаме дека здравјето, безбедноста и сигурноста на сите вклучени во организацијата на нашиот Фестивал, како и на нашата публика се најважни, додава Стојаноска.
Нејзин коментар побаравме откако деновиве излегоа информации за можно преместување на годинешното издание на „Војдан Чернодрински“ на друга локација заради затворањето на големата сала во ЦК „Марко Цепенков“, киното „Мис Стон“, како и зградата на прилепскиот Народен театар од инспекцијата од Дирекцијата за заштита и спасување на почетокот на месецов. Како што дознаваме, во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во моментов се работи на отстранување на недоследностите кои ги констатирала инспекцијата.
На нашето прашање до Стојаноска, во случај да не бидат отстранети сите недоследности околу салите, дали постојат алтернативни локации за фестивалот, таа со одговор: „Овие три години, како што го креирам фестивалот, имам интенција Прилеп да стане град театар. И секоја година ја прошируваме листата на потенцијални локации на кои би се одржувале театарските претстави. Како што знаете во претходните две години имавме театар на улица, театар во Паркот на Револуцијата, пред Могилата на непобедените, како и низ неколку локали низ Прилеп. Оваа година, независно од ситуацијата, уште од претходно маркиравме неколку други локации низ Прилеп. Сакам и овде да нагласам дека фестивалот ќе се одржи во Прилеп. По природа сум човек што верува во креативниот потенцијал на заедницата и затоа сакам да верувам дека ќе се отстранат недоследностите и фестивалот повторно ќе биде централната културна манифестација од областа на театарот во Македонија.“

Стојаноска додава и дека подготовките за фестивалот, што треба да се одржи од 6 до 13 јуни, течат според утврдената динамика.
-Како што кажав претходно, моја идеја е фестивалот да работи цела година и така и течат подготовките. Ова издание на фестивалот почнавме да го подготвуваме кога заврши претходното, а се спремаме и за следната година кога е јубилејот – 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Тимот на фестивалот работи посветено постојано и сите наши активности се во зададените рокови. Нашата работа може да се следи и на нашата веб страница www.mtf.com.mk, како и на социјалните мрежи, вели таа.
Посочува и дека оваа година наместо „Автор во фокус“, фестивалот го има „Прилеп во фокус“.
-Сметаме дека е најдобро на креативен начин да одговориме на предизвиците и затоа ја креиравме програмата „Прилеп во фокус“, која ќе ги акцентира достигнувањата на тројцата прилепски театарски уметници: Благоја Спиркоски – Џумерко, Благоја Ристески – Платнар и Кирил Ристоски. Ќе направиме „Музеј во движење“ во соработка со пријателите на фестивалот и ќе покажеме дека Прилеп имал, има и ќе има театарски уметници кои се заслужни за развојот на македонскиот театар. Исто така, ја имаме програмата „Драмолетање“ за промоција на нови драми и нивно презентирање во јавноста како и отворена можност на соработка меѓу драмските автори и театарските продуценти и режисери. Ќе имаме и еден вечерен поткаст, посветен на младите луѓе и театарот, како и повеќе различни потпрограми како детската зона, која од година во година станува сè поуспешна. Другите активности се веќе традиционални и познати на публиката: претставите во официјална селекција и придружна програма, разговорите на тркалезна маса, промоциите на театарска и театролошка литература, изложби и др., истакнува Стојаноска.
Да потсетиме, по засилените контроли низ државата по трагедијата во Кочани, инспекција од Дирекцијата за заштита и спасување ги затвори големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и киното „Мис Стон“ кои се во состав на објектот. Во решението што го добиле во ЦК „Марко Цепенков“, стоело дека нема хидрант, односно тој никогаш комплетно не бил доопремен, нема громобран, не е функционален алармниот систем за пожари, резервниот извор – агрегатот за напојување со струја не е во функција, како и електромоторот за подигнување и спуштање на завесата на сцената во големата сала на Центарот за култура. Освен тоа, инспекторатот констатирал дека некои од излезите од сцената за евакуација се отвораат обратно. По инспекциската контрола, неколку дена претходно, вон употреба е ставена и зградата на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, каде што се најдени 15 безбедносни недоследности и пропусти. (Н.И.Т.)