Челикот ќе падне, ќе паднат ли и цените на становите?

Американските царини стапија во сила, се поставува прашањето какви реперкусии ќе имаат врз извозот и врз индустријата. Градежните експерти сметаат дека повисоките царини ќе повлечат намалување на извозот, што, од друга страна, ќе влијае на намалувањето на цената на челикот. Тие сметаат дека намалувањето на цената на челикот како градежен материјал може да има влијание врз цените на становите, како и врз цените на индустриските објекти и на халите кај кои доминираат челичните конструкции

1503

Зголемените царини од 25 отсто за увоз на челик и на алуминиум што ги најави американскиот претседател, Доналд Трамп, стапија во сила. И покрај тоа што Македонија e мал извозник на челик, се поставува прашањето какви реперкусии ќе има намалениот извоз врз индустријата и дали ќе влијае тоа на цената на челикот. Најголем дел од извезениот челик завршува на европскиот пазар, а многу помали количини се наменети за американскиот пазар. Сепак, градежните експерти сметаат дека повисоките царини ќе повлечат намалување на извозот, што, од друга страна, ќе влијае на намалувањето на цената на челикот. Тие сметаат дека намалувањето на цената на челикот како градежен материјал може да има влијание врз цените на становите, како и врз цените на индустриските објекти и  на халите кај кои доминираат челичните конструкции.

Никола Велковски, градежен експерт, вели дека челикот и алуминиумот може да влијаат во делот на цените на градежните материјали, што, пак, може да повлече намалување на цените во делот на градбата.

– Челикот може да има минимално влијание врз намалувањето на цените на становите, бидејќи многу малку се користи во изградбата на станови. Поголемо влијание може да има кај халите и кај индустриските објекти кај кои доминираат челичните конструкции во градбата. Така, на пример, цената на карабината е 27 отсто од цената на станот, а челикот учествува со помалку од 10 отсто. Што значи дека може да има мало влијание врз цената на градбата – објаснува Велковски за весникот ВЕЧЕР.

Тој смета дека ќе се намали цената на челикот бидејќи ќе се намали побарувачката на американскиот пазар. Ние многу малку извезуваме на американскиот, а повеќе на европскиот пазар. Но, со оглед на тоа што нема да ѝ треба нашиот челик на Европа, тоа ќе повлече намалување на извозот.

– Ние произведуваме повеќе челични конструкции, а бетонот и железната арматура, кои се користат за изградба на станови, најмногу ги увезуваме од Украина. Нашиот челик, односно челичните профили, најмногу се извезува во Европа. Ние немаме таква продукција за да извезуваме во САД, кои се голем пазар. Можеби порано, кога постоеше Железара, се извезуваше и на американскиот пазар, но сега веќе не – додава Велковски.

Со оглед дека ќе има поголема понуда на челични производи на пазарот, логично е да повлече и намалување на цените на овие производи.

– Ако не се пласираат европските производи на американскиот пазар, ќе се намали потребата за извоз на челик од Македонија и тоа ќе има влијание врз цената. Влијанието на цената на челикот може да биде поголемо во изградбата на индустриски објекти, а помало кај станбените објекти, бидејќи не се користат челични конструкции, туку бетон и железна арматура – објаснува градежниот експерт.

Ваков сличен потег американскиот претседател, Трамп, имаше во 2018 година, во текот на својот прв мандат. Тој воведе протекционистички мерки за заштита од увозот на челични производи. На тоа Европската Унија одговори со воведување мерки за заштита од увозот на производи од челик, од кои беше погодена и Mакедонија, односно нејзиниот металуршки сектор.

Бројките покажуваат дека извозот на челик и на алуминиум од Македонија во САД е мал. Според податоците од Царинската управа, во 2024 година, од нашата земја во САД биле извезени алуминиум и производи од алуминиум во количина од 26.515 килограми, со вредност од 10,2 милиони денари, околу 165,8 илјади евра и производи од железо и челик во количина од 206.378 килограми, со вредност од 53,37 милиони денари, околу 867,8 илјади евра. Тоа е прилично малку ако се има предвид дека САД минатата година увезле железо и челик во вредност од 31,3 милијарди долари и алуминиум во вредност од 27,4 милијарди долари.

(А.С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ