Учениците од балетскиот оддел, насока за класичен балет, при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, освоија највисоки награди на „International Berussa ballet and contemporary competition 2025 Di Art Organization“ во Бурса, Р.Турција. Но, ова не се и единствените успеси што овие млади балетски уметници ги постигнале. За нивната упорна работа, посветеност и љубов кон балетската уметност, за весникот ВЕЧЕР зборувавме со Дафина Данилоска-Кочевска, балерина и наставник во музичко-балетското училиште „Илија Николовски Луј“
Какви се Вашите импресии од учеството на младите македонски балетски уметници на натпреварот што годинава се одржа во Бурса?
Станува збор за три генерации на млади балерини кои смело чекорат напред. За нив секое застанување на сцена е чекор поблиску до целта. Натпреварите како овој во Бурса се токму тоа, бесценето искуство, нови пријателства, нови познанства, знаења… чекор поблиску до целта. Работата на децата да ја види некој надвор од нашите граници, во иднина создава многу можности за тие да видат како функционираат работите во балетските училишта низ светот. Балетот оди напред, а ние на тој начин се обидуваме да сме во чекор со времето. Секако на овие натпревари и јас како наставник ја проверувам својата работа, анализирам, учам и сето тоа искуство се обидувам, најдобро што знам и умеам, да им го пренесам на учениците. Затоа чувството кога врвни професионалци ќе ви дадат признание за вашата работа е неописливо. Во тој момент знаете дека сте на вистински пат. Голема возбуда, искрени детски насмевки, срце исполнето со радост. Секој наставник треба да е горд и среќен, тие моменти се бесценети.
Какво е значењето на овие награди за Македонија со оглед на конкуренцијата и на што се должи успехот на македонските млади балетски уметници?
Кога ќе се најдете во средина на врвни професионалци од областа на балетската уметност и тие го препознаваат талентот на младите балерини и високо ја оценуваат нивната подготвеност, тогаш знаете дека сонот еден ден овие деца да заиграат на светски сцени е се поблизок до реалноста, што секако е од исклучителна важност како за нас така и за нашата држава. Искрено се надевам дека еден ден овие деца ќе пораснат во достојни репрезенти на Македонија, со кои сите ние ќе се гордееме. Што се однесува до успехот ја имаме таа привилегија професијата да си ја избереме уште од 9-годишна возраст. Додека сите останати слободното време го поминуваат во дружење и игра, овие деца, секојдневно, времето го поминуваат во балетската сала. Тоа се часови макотрпна работа, многу труд, болка, смеа, по некоја пролеана солза, безброј измешани емоции, многу откажувања. На крај застанувате на сцена и заборавате на сето тоа и во тој момент знаете дека вреди. Тоа е нешто што тешко се опишува со зборови, едноставно треба да се доживее. А ние како наставници сме должни да им кажеме дека сето тоа е во ред, во ред е да чувствуваат среќа, тага, гнев, разочарување и едновремено сите тие емоции да ги насочиме правилно, да ги научиме да имаат доверба во нашите одлуки, затоа што голем дел од успехот е и во вистинските одлуки. Овие деца го знаат тоа, нивниот успех се должи токму на нивната љубов, безрезервната доверба и и часови поминати во балетската сала.
Можете ли да ни кажете и за досегашните успеси на Вашите ученици?
Често знам да кажам дека успехот на овие деца е во искуството добиено од овие натпревари, а не во бројот на освоени награди. Меѓутоа кога ќе го слушнете името на вашите ученици помеѓу добитниците на награди, секако значи многу. Би ги издвоила: 2ро место на Јана Кепеска и 3то место на Антонија Атанасова на „International Berussa ballet and contemporary competition 2024 Di Art Organization“ во Бурса, Р.Турција. На истиот натпревар и двете ученички добија стипендија за летната балетска школа на John Cranco Ballet School во Штудгарт, доделена од Tadeusz Matacz, директор на училиштето. Потоа прво место за Антонија Атанасова, второ место за Томрис Шабан и трето место за Ина Стојановска на Фестивалот за класичен танц во Хасково, Бугарија. Во јули 2024 учествувавме и на Меѓународниот балетски натпревар „Миа Чорак Славенска“ во Загреб, Хрватска, каде Јана Кепеска го освои првото место, а Антонија Атанасова второто. На овој натпревар Антонија доби и стипендија за школување на Interlochen Center fot Arts, во Мичиген, САД. Антонија освои 2ро место и на online натпревар Junior Dancer – Ballet Stage, додека Јана Кепеска и Ина Стојановска, добија стипендија за зимската балетска школа на Денис Матвиенко и Анастасија Матвиенко. Уште поголем успех за мене е тоа што овие деца годинава имаа прилика да бидат дел од балетските претстави што се на репертоарот во Националната опера и балет како „Дон Кихот“ и „Оревокршачка“. Како круна за 2024 и почетокот на 2025 година, беше соработката на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ со Istanbul Junior Ballet, каде во Истанбул, Турција, 18 млади балетски уметници беа дел од четири изведби на балетската претстава „Оревокршачка“ каде ги изведоа двете најкомплексни ансамблови игри „Валсот на снегулките“ и „Розовиот валс, кои во себе содржат и солистички делови. И секако годинешниот натпревар во Бурса каде Антонија Атанасова го освои првото место во класичен балет во својата категорија, Дион Карпузи третото место (ментор Маја Митровска-Богојевска ) и Искра Давидовска трето место (ментор Слаѓана Спасеновска). За мене од особено значење е тоа што 15 млади балерини оставија силен впечаток и освоија првa и вторa награда во групна конкуренција и тоа со Grand pas од балетот „Пахита“ и Валсот на снегулките од „Оревокршачка“. На истиот натпревар Антонија Атанасова, Јана Кепеска и Виола Имери освоија и краткотрајна стипендија за државното балетско училиште во Берлин, награда доделена од Marek Rozycki, уметнички директор на училиштето. Во минатонеделната изведба на претставата „Лебедово езеро“, во Националната опера и балет, осум од девојките имаа шанса да бидат дел од танцот на белите лебеди и искрено можам да кажам дека ја оправдаа довербата која им беше дадена. Беа дел од една прекрасна приказна.
Каков е интересот на младите за балетска уметност и дали има интерес и кај машките деца?
Балетот, како уметност, изминативе години добива на популарност. Знаете, розовото туту е сон на секое мало девојче и само оние истрајните кои имаат вистинска љубов кон балетот и кои не очекуваат ништо за возврат, остануваат до крај. Затоа што да танцуваш е да живееш, балетот едноставно е начин на живот. Не можам да кажам дека работите не се менуваат, меѓутоа сè уште живееме во општество во кое се бориме со стереотипите за нашата професија, посебно кога станува збор за момчињата. Да тргнеме од себеси и да помогнеме, да ги охрабриме и поддржиме оние кои сакаат да се занимаваат со оваа професија, кои во страв да не бидат отфрлени од средината не се ни обидуваат да си го исполнат својот сон. Од нас зависи. Во средното балетско училиште има седум момчиња, додека во основното три. Гордо можам да кажам дека овие момци храбро му пркосат на општеството и се пример дека кога се сака нешто страв не постои.
Дали веќе се подготвувате за некои други натпревари, во и надвор од државата оваа година?
Да не зборавиме дека овие деца, пред сè, се ученици во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и имаат уште неколку години од својата едукација и затоа образовниот процес е нешто што не треба да се занемари. Како што претходно напомнав, натпреварите се чекор поблиску до целта, а целта е овие ученици да застанат и да ја почувствуваат магијата на сцената, да бидат дел од претстава. Натпревари секако ќе има, меѓутоа нашиот фокус, во периодот што следува, ќе биде на задолжителните годишни испити, за кои во моментов треба да започнеме да се подготвуваме, и секако Годишниот концерт на балетскиот оддел кој ќе биде во јуни. Си зададовме голем предизвик кој ќе треба да го оправдаме. Работиме на извадок од балетската претстава „Бајадерка“. Процесот ќе биде долг и напорен, а крајниот резултат, се надеваме, ќе ја воодушеви публиката.
Антонија Атанасова: Сонувам за светските сцени, за работа со најдобрите уметници
Антонија Атанасова e дел од младите македонски балерини од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, кои учествуваа на натпреварот во Бурса, Турција, каде освоија највисоки признанија. На својата 16-годишна возраст таа веќе има бројни награди од досегашните настапи.
Какво е чувството да се освои прва награда на натпревар во Бурса, Турција и кои се бенефитите за тебе од ова учество?
Освојувањето на првата награда во Бурса беше неверојатно искуство и голема чест за мене. Тоа е признание за целиот труд, посветеност и љубов што ги вложувам во балетот. Покрај самата награда, ваквите натпревари носат многу можности – ме запознаваат со нови балетски уметници, ми даваат инспирација и мотивација за понатамошен развој, а воедно ми помагаат да стекнам поголема самодоверба на сцената.
Од каде интерес и на колку години започна да се занимаваш со балетот и кои се твои досегашни успеси?
Балетот ме привлече уште од најрана возраст. Првите чекори ги направив кога имав пет години, а со сериозно натпреварувачко ниво почнав да се занимавам неколку години подоцна. Досега имам освоено повеќе награди на меѓународни и домашни натпревари, како што се -Бурса, Турција 2024 (Втора награда, една неделна стипендија за во John Cranko Schule), Slavenska Prix Загреб (Втора награда, едногодишно школување за во САД, Мичиган), Ballet Stage (Втора награда, за најталентиран млад ученик од Анастасиа Матвиенко), Бурса Турција 2025 (Прва награда и една неделна стипендија за државното училиште во Берлин).
Колку време Ти треба да се подготвиш за еден натпревар?
Подготовките траат со месеци, бидејќи секој детаљ е важен, од техничката прецизност до емоционалната изведба. Обично вежбам најмалку 3-4 часа дневно, но пред натпревари тоа може да биде и подолго. Балетот бара постојана работа, не само во салата, туку и преку одржување на физичката менталната кондиција.
Што значи за тебе балетот и дали е потребно многу откажување за да се постигне успех?
Балетот не е само танц, тоа е дисциплина, емоција и начин на живот. За да се постигне успех, потребни се големи жртви, од долги часови на проби до откажување од многу работи што другите ги сметаат за нормални, како слободни викенди или излегувања, а понекогаш и откажување на одморот. Но, секој момент поминати во сала, секој настап и секој успех го прават сето тоа вредно.
Какви се твои очекувања за во иднина, дали ова е дефинитивно изборот за твоја професија?
Да, дефинитивно! Сакам да продолжам да се усовршувам, настапувам на светски сцени, да работам со најдобрите балетски уметници и можеби еден ден да бидам дел од реномиран балетски ансамбл. Секако, патот не е лесен, но знам дека со напорна работа и посветеност можам да ги остварам моите соништа.
Даниела ТРАЈКОВСКА