Со чартер летовите на авиокомпанијата „Фрибрд ерлајнс“, кој почна со летови до скопскиот аеродром и ги донесе првите 180 туристи, се очекува до почеток на јуни да дојдат 35.000 туристи од Германија, Австрија, Франција и Велика Британија. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски рече дека концептот е секој турист да помине по два дена во Скопје и во Охрид, со што ќе се поттикне туристичката дејност, а очекувано е да се зголеми и девизниот прилив на државата. Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија, истакна дека како аеродромски оператор се трудат да напредуваат во поглед на гостопримството и квалитетот на услугите како кон авиокомпаниите, така и кон патниците 

 

Голема туристичка агенција ќе носи гости во земјава вон главната туристичка сезона со чартер летовите на авиокомпанијата „Фрибрд ерлајнс“. Овој авиопревозник од завчера почна со летови до скопскиот аеродром и ги донесе првите 180 туристи, а до почетокот на јуни ќе носи тури со патници од Германија, Австрија, Франција и Велика Британија.

– Нашите клиенти со нетрпение чекаат да ја посетат вашата убава земја и резервациите на овие патувања се веќе направени однапред. Досега имаме договорено летови за 25.000 патници кои ги резервираа овие тури од Германија, Австрија, Франција и Велика Британија и до крајот на сезоната очекуваме да донесеме 35.000 гости. Убеден сум дека туристите ќе уживаат во вашата прекрасна земја, историјата и топлото добредојде на луѓето кои живеат овде – изјави Хорст Живковиц, главен извршен директор на германскиот тур-оператор РСД, Реисен.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски рече дека концептот е секој турист да помине по два дена во Скопје и во Охрид, со што ќе се поттикне туристичката дејност, а очекувано е да се зголеми и девизниот прилив на државата.

– Туристите ќе доаѓаат од февруари до мај и во периодот од октомври до ноември, надвор од зимската и надвор од летната сезона, период во кој обично хотелите се затвораат оти немаат доволно гости. Ова е туристичка агенција која го работи целото хрватското приморје со посебен фокус во Дубровник каде што милиони туристи носат годишно. Ние уште во опозиција работиме на ова, не беше лесна задача. Имавме среќа бидејќи дел од врвниот менаџмент на оваа туристичка агенција е од Македонија, па така интересно е дека почнуваат со 35 илјади туристи за оваа година со ветување дека ќе оди нагоре. Тие ќе поминуваат најмалку два дена во Скопје и два дена во Охрид а ќе имаат и останати посети. Тоа ќе значи целосно искористен капацитет за неколку хотели, посетени ресторани, посетени музеи и девизен прилив за Македонија. Ако се претпостави дека еден турист би оставил 200 евра по својата посета може да се пресмета колку средства се тоа. Веќе следната година очекувам бројката да оди нагоре. Во ова значајна улога имаше и Министерството за култура и туризам – напомена Николоски.

Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија истакна дека како аеродромски оператор, се трудат да напредуваат во поглед на гостопримството и квалитетот на услугите како кон авиокомпаниите, така и кон патниците.

Во насока на зголемување на бројот на туристи, е и најавата за директна линија на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул до Охрид, а од 20 март ќе има и директен лет од Амстердам до Скопје. Со политиката на финансиска поддршка за нови дестинации, веќе се воспоставија 10 нови авиолинии од кои осум од скопскиот и две од охридскиот аеродром.

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, и членка на Групацијата АДП, ја заокружи 2024 година со вкупно 3.174.484 патници на двата македонски аеродроми – Меѓународен аеродром Скопје и Аеродром „Св. Апостол Павле„ Охрид, што претставува пораст од 1% во споредба со 2023 година. Во однос на бројот на летови, во 12 месеци од 2024 година реализирани се 25.482 летови, односно 6% повеќе летови во однос на 2023 година.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ