Денес општина Чаир беше домаќин на првата јавна презентација на мултимедијалната национална кампањата „Позитивна промена“ на Министерството за животна средина и просторно планирање за подигање на јавната свест и едукација на граѓаните и субјектите за правилно постапување со отпадот.
Претставниците на општините од секторите за животна средина и комуникации од Скопскиот плански регион имаа можност да се запознаат со целите на кампањата и начините како можат да вклучат, а до страна на претставниците на Министерството и беше презентиран и споделен промотивниот комуникациски пакет.
– Денес, од тука во општина Чаир ја започнуваме националната кампања наречена „Позитивна промена“ која има за цел давање придонес кон подобрување на повеќедецениското загадување во земјава – изјави портпаролот на Министерството за животна средина и просторно планирање Наим Вренези, додавајќи дека ова е иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање со цел подигање на јавната свест и едукација на граѓаните и субјектите за правилно постапување со отпадот.
„Одговорноста за правилното управување со отпад припаѓа на сите засегнати страни: Владата, општините, правните лица кои управуваат со отпадот, граѓаните, приватниот сектор“ додаде Вренези.
Ана Мазневска Каранфилова, раководител на секторот за отпад информираше дека кампањата е финасирана од средствата кои се одвоени од надоместокот кој се уплаќа од страна на трговците за граѓаните кои купуваат пластични кеси, во вредност од 13.450.000,00 денари. Другиот дел од собраните средства по овој основ е инвестиран во набавка на садови за собирање на отпад за општините во целата држава. На тој начин, средствата собрани од граѓание се враќаат на граѓаните.
Кампањата ќе трае во период од 6 месеци, и вклучува 2 едукативни видеа со пораки, 3 кратки промотивни спота и 8 ТВ емисии со соговорници од областа.
Во рамки на кампањата ќе се спроведат вкупно осум јавни презентации на кампањата по една во секој плански регион и освен во Чаир истите ќе продолжат и во Куманово. Тетово, Битола, Струга, Струмица, Кавадарци и Штип.
Исто така ќе се реализираат и осум едукативни настани „Јас сум новиот еко-херој“ во по едно училиште во секој плански регион.