Oпштина Центар објави анонимен конкурс за избор на идејно решение за проектирање нова општинска зграда.

Како што се наведува во конкурсот, неговото спроведување на оваа локација има примарна цел да добие функционално, современо стилски автентично, конструктивно, рационално и економски исплатливо идејно архитектонско решение за нова административна зграда за општинската администрација. Идејното решение ќе треба да има потенцијал за реална изведба на локација со мемориско значење во просторната и историска промена на архитектурата на Скопје, значење што е засилено со значајни градби и места во непосредното опкружување.

Со изградбата на општинската зграда, старите и дотраени бараки во кои се наоѓа сега општинската администрација ќе се заменат со функционален, современ и рационален комплекс, кој треба да ги задоволи не само општинските туку и реалните потреби на жителите што гравитираат на овој простор.

Идејното решение, покрај задолжителните критериуми за проектирање соодветни работни простории, треба да содржи и решение за подземен паркинг со околу 300 паркинг-места, како и внатрешен и надворешен простор за паркирање 100 велосипеди.

– Со ова ќе се решат актуелните проблеми со стационираниот сообраќај во непосредното опкружување, настанати со половична реализација на претходните плански решенија – соопштија од локалната самоуправа.

Освен тоа, градежната парцела треба да предвиди и мал плоштад, парк со фокус на влезниот портал од Учителската школа, како и безбедно сообраќајно решение за пристап и движење на возилата, велосипедите и на пешаците.

Оценувањето на трудовите ќе го врши жири- комисија избрана од градоначалникот на Општина Центар, составена од седуммина членови,кои се независни од учесниците на конкурсот и се лица со соодветни професионални квалификации и со искуство во таа област.

Општината ќе додели и парични награди за најдоброто идејно решение за новата општинска зграда. Паричната награда за прво место ќе изнесува 750.000 денари, за второ место – 400.000 денари и за трето место – 300.000 денари.

Право на учество на конкурсот имаат правни и физички лица стручни во областа на архитектурата и урбанизмот, а крајниот рок за предавање на трудовите е 27.9.2024 година, до 15 часот.

(А.П.)