Големата побарувачка за изнајмување станови за Нова година ги зголеми цените на 600 евра за ноќ. Но, и покрај високите цени, голем дел од становите се целосно резервирани неколку недели однапред. Од Агенциите за недвижности потврдуваат дека масовно се бараат станови за изнајмување за прослава на Нова година, цени од 250 до 600 евра за една вечер. Во населби како Аеродром, Гази Баба и Кисела Вода, најчестата цена е околу 250 евра за едноставен стан од 40-50 квадратни метри. Но, за оние што сакаат луксуз, становите на Водно или во центарот на градот достигнуваат и до 600 евра за една вечер, особено ако станува збор за модерни апартмани со панорамски поглед и врвна опременост
Поради високите цени за прослава на Новата година во ноќните клубови и кафеаните сè поголем број млади луѓе се одлучуваат да изнајмат станови. Сопствениците на станови поради зголемената побарувачка пред Нова година ја зголемија цената и до 50 отсто. Но, и покрај високата цена, која достигнува до 600 евра за ноќ, голем дел од становите се целосно резервирани неколку недели однапред. Од Агенциите за недвижности потврдуваат дека масовно се бараат станови за изнајмување за прослава на Нова година, цени од 250 до 600 евра за една вечер.
Во населби како Аеродром, Гази Баба и Кисела Вода, најчестата цена е околу 250 евра за едноставен стан од 40-50 квадратни метри. Но, за оние што сакаат луксуз, становите на Водно или во центарот на градот достигнуваат и до 600 евра за една вечер, особено ако станува збор за модерни апартмани со панорамски поглед и врвна опременост.
– Од почетокот на декември масовно се бараат станови за изнајмување за прослава на Нова година. Со оглед на фактот дека понудата на вакви станови во Скопје е многу помала од побарувачката цените се високи и се движат од 250 до 600 евра за една вечер. И покрај високиот износ кој треба да се одвои, проблем е да се најде стан, бидејќи 90 отсто од сопствениците на станови не сакаат да ги изнајмуваат за новогодишни прослави – вели за весникот ВЕЧЕР, Александар, сопственик на Агенција за недвижности.
Тој вели дека со оглед на големата побарувачка за изнајмување на вакви станови последниве неколку години цените за прослава на Нова година се драстично покачени.
– Некои од клиентите се подготвени да платат и 600 евра само за една вечер. Некои од газдите освен кирија бараат и депозит. Така, на пример, ако за изнајмување на станот клиентот треба да плати 600 евра, треба да остави и депозит од 600 евра, а треба да плати и 50 отсто провизија за агенцијата, што значи вкупно 1.500 евра. Ако овој износ се подели на 30 лица, излегува дека секое лице треба да плати по 50 евра – вели Александар.
Некои од сопствениците на становите го користат моментот и ги зголемуваат цените пред Нова Година за да остварат дополнителна заработка за само една ноќ. Но, има и такви кои не сакаат да ги изнајмуваат за толку кратко време, бидејќи имале лошо искуство, проблеми со соседите, со полиција поради гласна музика, уништен мебел, искршени врати… Поради можноста од вакви несакани појави, некои од газдите бараат и лицата кои најчесто се тинејџери да остават лични карти доколку имаат или, пак, да дојдат со родител кој ќе гарантира дека станот потоа ќе го вратат во првобитната состојба.
Сепак, многу млади се одлучуваат Новата година наместо во клубови, кафулиња, ресторани Новата година да ја дочекаат во изнајмен стан поради можноста за поопуштена забава во приватен простор. Освен тоа, кога се слави во група од 15 и повеќе луѓе цената е значително пониска цена од онаа што би ја платиле во клуб.
– Одлучивме да изнајмиме стан бидејќи така ќе имаме своја приватна атмосфера за забава, без никакви ограничувања. Ќе донесеме сопствени пијалаци, храна и музика, што не е можно во клубовите. Во локалите обично плаќаме за влез, неколку пијалаци и неколку часа забава, а тоа е далеку поскапо од оваа опција – вели една млада девојка од Карпош.
Таа додава дека станот е модерно опремен со домашно кино, кујна и тераса со поглед на градот, што дополнително го оправдува нивниот избор.
– Станот што го резервиравме има сè што ни треба – модерно опремена кујна, домашно кино и огромна тераса со поглед на градот. Веќе го посетивме за да видиме дали одговара на нашите очекувања. Сопственикот беше многу љубезен, ни ги објасни сите детали за опремата и дури ни остави број за контакт доколку ни затреба помош – вели таа.
Освен во Скопје голема побарувачка има за станови и викендички по туристичките центри во Македонија, а меѓу најпопуларните дестинации за новогодишните празници се Берово, Крушево, Маврово, Пониква, Попова Шапка и Охрид.
(А.С.)