Цената за изминат километар ќе се зголеми за 20 денари доколку изгласаат советниците

84

Најниската одредена цена за изминат километар за приватните превозници е 68,65 денари, додека највисоката е 113,20 денари. Овие цени се според малопродажната цена на горивото. Така, ако малопродажната цена на горивото е 30 денари за литар, приватните превозници би добивале по 68,65 денари за изминат километар, додека доколку малопродажната цена на горивото е 120 денари, тогаш за секој остварен километар тие би добивале по 113,20 денари, што е и највисоката одредена цена.

Тоа значи, според моменталната цена на нафтата (која изнесува 70, 5 денари за литар), приватните превозници, доколку се усвои одлуката, би добивале по 88,7 денари за литар.

Ова е пресметано во предлог-одлуката за изменување на одлуката за утврдување на вредноста на надоместокот за извршените услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот „остварен километар“, која е на дневен ред на наредната седница на Советот на Град Скопје, која ќе се одржи во вторник.

Во предлог-одлуката се наведува дека за изработка на оваа анализа се искористени расположливите научни методи од оваа област, базата на многу релевантни податоци (јавните набавки и книговодствените податоци за трошоците по одделни ставки) и долгогодишното искуството на ЈСП „Скопје“ во врска со видовите и големината на трошоците на експлоатација, како и сопствените пресметки за трошоците по подделни ставки поднесени од приватните превозници.

– Во делот на пресметките дадени од приватните превозници, мора да се забележи дека за нив одделни трошоци се повисоки, бидејќи постои една неодржлива состојба: здруженијата на приватните превозници се збир на приватни компании, поединци, кои, поради расцепканоста, имаат повисоки трошоци по одделни ставки, во споредба со трошоците што би ги имале како едно правно лице кое организирано ги обезбедува одделните дејности неопходни за функционирање на јавниот градски превоз. Градот Скопје и граѓаните не се должни да ја плаќаат лошата организираност – правен статус на многубројните превозници поединци и затоа во најскоро време тие мора да го решат овој проблем. Намалувањето на трошоците, секако, е доволен мотив и за самите превозници да го преземат овој чекор, бидејќи би им останувале повеќе средства од средствата што ги плаќа Град Скопје – се констатира во предлог-одлуката.

Од Град Скопје додаваат дека јавниот градски превоз е гранка каде што не може да се смета на добивка и поради важната улога што ја има во рамките на урбаните транспортни системи, цената на превозот се држи ниска, а приходите од продажба на билети не се доволни да ги покријат вистинските трошоци на работа.

– Од овие причини, проширената репродукција во светот се обезбедува со средства од буџет или од други извори на финансирање специјално наменети за јавниот градски превоз. Во овој случај, поради специфичните околности во јавниот градски превоз во Скопје (почетен период на целосна интеграција на приватните превoзници во јавниот градски превоз), предложена е разумна добивка од 10 % од проценетиот трошок за изминат километар – објаснуваат од Град Скопје.

Приватните превозници минатиот месец протестираа и сосема престанаа да возат, бидејќи бараа да им се зголеми цената што им ја плаќа ЈСП за изминат километар, поради тоа што таа не е променета од 2015 година и не им ги покрива трошоците за услугата што ја вршат. На координативната средба, која ја имаа во Град Скопје на крајот од ноември и на која присуствуваше и градоначалничката Данела Арсовска, беше договорено во рок од 15 дена да се изготви анализа во која, согласно со постојната методологија, ќе се утврдат реалните трошоци за извршување на јавниот превоз, од страна на вешти лица, претставници на стручните служби на Град Скопје од соодветните сектори и со земање предвид на поднесените податоци од претставниците на приватните превозници.

Анализата, како што им беше ветено, е изготвена и врз основа на неа е подготвен и предлогот доставен до советниците, при што се пресметани сите трошоци од досегашното работење, кое е усогласено со новите цени за резервни делови, како и за услугите за одржување, сервисирање и за администрирање за трошоците по одделни ставки. Изработен е и вешт наод.

 (А.П.)

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ