Цената за изминат километар на приватните превозници, по Нова година, ќе биде повисока за 20 денари

33

Најниската одредена цена за изминат километар за приватните превозници, според одлуката, е 68,65 денари, додека највисоката е 113,20 денари. Овие цени се според малопродажната цена на горивото

 

Цената за изминат километар на приватните превозници од наредната година ќе биде повисока за 20 денари. Со 28 гласа „за“, ниту еден против и еден воздржан, советниците на Град Скопје, вчеравечер, ја изгласаа одлуката за утврдување на вредноста на надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на патници, според критериумот „остварен километар“. Приватните превозници ќе добијат зголемување со анекс на договорот од 1 јануари наредната година и цената ќе важи до мај, кога истекуваат нивните постојни договори. Ваквото зголемување на цената за изминат километар на приватните превозници ќе биде дел од следниот буџет, кој, вчера, исто така беше изгласан.

Најниската одредена цена за изминат километар на приватните превозници, според одлуката, е 68,65 денари, додека највисоката е 113,20 денари. Овие цени се според малопродажната цена на горивото. Така, ако малопродажната цена на горивото е 30 денари за литар, приватните превозници би добивале по 68,65 денари за изминат километар, додека доколку малопродажната цена на горивото е 120 денари, тогаш за секој остварен километар, би добивале по 113,20 денари, што е и највисоката одредена цена.

Тоа значи дека според моменталната цена на нафтата (која изнесува 70, 5 денари за литар), приватните превозници ќе добиваат по 88,7 денари за литар.

Приватните превозници побараа зголемување без да прецизираат колку, а претходно, на средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ, договорија зголемувањето да биде 30 денари. Ваквата цена не беше прифатлива за градската администрација, бидејќи била изгласана без никаква пресметка и анализа според законска формула. Во период од две недели, беше изработена анализа по која и гласаа советниците.

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, посочи дека приватните превозници заслужуваат поголема сума од остварен километар. Според координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, ова е единствениот легитимен начин на кој легално и легитимно може да им се помогне на приватните превозници.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, на почетокот ја истакна целата хронологија на случувањата за ова прашање и за одржаната 16. вонредна седница на Советот, каде што се расправаше.

– Како претседател на Советот, поднесов претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа. Тие извршија надзор, изготвија записник во кој беа констатирани неправилности во работата на администрацијата на Град Скопје од аспект на бојкот за неброење на гласовите, неизготвување прописи и итн. И на 23 декември претходеше записник, донесено е решение од Државниот инспекторат за локална самоуправа со кое ѝ се изрекува мерка опомена на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Опомената се изрекува токму поради непостапување за необјавување пропис во „Службен весник“, во овој случај заклучокот во дадениот рок и недавањето образложение зошто не е направено тоа – рече Славески.

Цветанка Соколова-Младеновска, раководител на сектор во Град Скопје, појасни дека раководителите на секторите реагирале уште истиот ден и доставиле известување до претседателот на Советот со кое укажале дека нема да изработат документ спротивно на законските прописи, со оглед на тоа што, како што рече, заклучокот што бил предложен не бил донесен од советниците.

– За таа цел, беше доставена и претставка до Инспекторатот за локална самоуправа. Пред да дојде во надзор Инспекторатот, од претседателот на Советот беше изготвен записник, односно заклучок, кој беше доставен до градоначалничката на Град Скопје. Во однос на заклучокот, градоначалничката достави известување во кое укажа дека самиот документ, кој е насловен како заклучок, не е изработен од стручните служби во градската администрација, кои, не само согласно со Деловникот туку и согласно со одлуката за внатрешна организација, се единствено одговорни и надлежни за изготвување вакви акти пред други акти во надлежност на Советот. Така, изготвениот записник од седницата беше доставен до претседателот на Советот, кој изврши своевидна корекција надвор од деловнички пропишаната постапка за изготвување записник и доставување до советниците – рече Младеновска.

Градскиот буџет за 2025 ќе „тежи“ 140 милиони евра

Градската каса наредната година ќе располага со 14 милиони евра. Доцна попладне во вторникот, Советот на Град Скопје со 28 гласа „за“ и два против го донесе буџетот на Град Скопје за 2025 година.

За предлог-буџетот беа поднесени 42 амандмани од повеќе политички партии, а по координацијата на советничките групи со претседателот на Советот, Трајко Славески, и со градоначалничката Данела Арсовска, дел од амандманите беа повлечени од предлагачите, а дел одбиени поради технички неправилности.

На седницата беше донесен и планот на програми за развој за 2025-2027 година. Овој план, како што образложи Јулијана Тасиќ од Секторот за финансии на Градот, претставува среднорочен приказ на програмите што се наменети за развој на инвестициите за посочениот период.

На седницата помина и одлуката за извршување на буџетот на Град Скопје за 2025 година.

(А.П.)