Русија се соочува со рекорден 13-годишен скок на малопродажните цени на бензинот во 2024 година, откако серијата напади со украински беспилотни летала врз рафинериите предизвикаа намалување на производството на гориво за повеќе од 10 отсто во првата половина од годината.
Според Росстат, од почетокот на годината до 23 декември, просечната цена на бензинот во Руската Федерација се зголемила за 11 отсто, на 60,57 рубли за литар, пренесува The Moscow Times.
Во исто време, во оддалечените региони на Далечниот Исток, цените го надминаа рускиот просек за една четвртина: 74,4 рубли за литар во Сахалин, 74 рубли во Јакутија, 70,9 рубли во Камчатка, 70,8 рубли во регионот Магадан.
На крајот на годината, поскапувањето на бензините ќе биде највисоко од 2011 година, кога, според Росстат, цените на бензинските пумпи се зголемија за 14,9 отсто.
Дури и во 2018 година, за време на кризата со горивото, годишното поскапување на бензините тогаш изнесуваше 9,4 отсто, иако во некои месеци надминуваше 12 отсто.
За прв пат по шест години, цената на бензинот порасна значително повеќе од општата инфлација, која Министерството за економски развој ја проценува на 9,7 отсто една недела пред крајот на годината. Вообичаено, властите се обидуваат да го спречат тоа за да не предизвикаат дополнително забрзување на инфлацијата, бидејќи „трошокот за гориво е вклучен во испораката на сите стоки и автоматски ја зголемува цената на финалниот производ за купувачот“, рече Владимир Чернов, аналитичар во Freedom Finance.
До крајот на мај падот на производството на бензин во Русија достигна 20 отсто во однос на декември 2023 година, а на дизел горивото – 11 отсто.