Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, во телевизиско гостување најави дека цариниците во иднина ќе носат боди камери, со кои се очекува да се намали нивото на корупција и да се зголеми контролата.
– За спречување на корупцијата, преземаме конкретни мерки, наскоро ќе се набават 60 боди камери, за што е обезбедена донација од Амбасадата на САД. Исто така, интензивно се работи и на започнување на проектот за автоматизација на терминалите, со грант од ЕУ, кој значително ќе придонесе за забрзување на транспортот и за олеснување на трговијата. Проектот подразбира замена на постојните ваги со дигитални, како и дигитални рампи – рече Николовски и најави координирани акции во иднина, со другите институции.
Според него, размената на податоци е клучна за спречување на криминалот, но и за креирање ефективни реформски политики, при што веќе се договорени конкретни активности со УЈП за размена на податоци и, уште поважно, нивно „мечирање“, Народната банка, Бирото за јавна безбедност, како и со Државниот завод за статистика.
Најави дека веќе се работи на усогласување на смените со Агенцијата за храна и ветеринарство. За зајакнување на партнерските односи со бизнис- заедницата, по пауза од две години е реактивирано и Советодавното тело, каде што членови, покрај Царинската управа, се стопанските комори и асоцијациите.
– Ова се само дел од започнатите активности, при што ќе се бараат конкретни резултати, кои ќе бидат видливи и мерливи преку зголемување на конкурентноста на македонската економија и спречување на криминалот и на корупцијата – рече Николовски.
Тој се пофали дека приходите што ги наплатила Царинската управа веќе трет месец се повисоки во однос на лани, што, според него, покажува дека дисциплината е на високо ниво.
– Наскоро ќе биде ставен во функција и системот за видеонадзор и за препознавање регистарски таблички, кој ќе препознава лица, возила, ќе алармира за сомнителни движења, но и кога има оптовареност на лентите на граничните премини. Во Царинската управа работат врвни професионалци, а за оние што нема да покажат резултати нема да има простување. Во август се започнати 18 дисциплински постапки – истакна Николовски.