Во книжарницата ТРИ, во Градскиот трговски центар, завчеравечер беше одржан книжевен настан посветен на второто издание на романот „Тони“ на македонската современа писателка Румена Бужаровска, на која ѝ беше доделено и Признание за најчитана авторка во 2024 година во ТРИ. Како што посочуваат од книжарницата, со книгите ‘Чкртки’, ‘Осмица’, ‘Не одам никаде’, ‘Мојот маж’, ‘Господ, па Америка’ и ‘Тони’, Румена е најчитаната авторка во Издавачки центар ТРИ, со продадени над 4 000 примероци во текот на изминатата година.

„Исклучително ми е драго, изненадена сум дека сум најчитана авторка во 2024 година. Од друга страна, минатата година објавив две книги, така што има логика. Јас верувам дека не е точно дека не се чита и посебно не верувам во митот дека младите не читаат. За мене ова признание покажува дека луѓето читаат и посебно ми е драго дека сѐ повеќе читаат македонска книжевност. Мислам дека тоа е тренд што никогаш нема да престане“, рече Бужаровска при доделувањето на признанието. Присутните читатели имаа можност да поразговараат со писателката, а беа поставени и прашањата за средовечниот рокер од Скопје, кој ги поттикна читателите да размислуваат за значењето на личната одговорност во локален и современ контекст.

Тие добија одговор на прашањето „дали има некој конкретен прототип за Тони“, „што претставуваше процесот на пишување за таков лик“, но и „како преведувачите би се справиле со преведување на скопскиот сленг?“.

Зборувајќи за инспирацијата за „Тони“, Бужаровска истакна и дека инспирацијата  дошла од таквите ликови во нашата непосредна близина.

„Во процесот на пишување сфатив дека цело време несвесно сум се справувала со некои сопствени Тониевци, и во семејните, и во љубовните, и во секојдневните односи. И сум ги трпела, па сега ги пуштив преку текстот“, одговори Бужаровска. Таа дополни дека и преведувачите од Србија и од Хрватска, кои сега го преведуваат романот, препознале свој Тони во ликот.

Инаку, Тони е средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и работи во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него. Напишан на жив, остар и современ јазик, во препознатливиот горчлив и истовремено духовит стил на Бужаровска, Тони е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие.

„Јас многу се грижам јазикот да го отсликува времето и ми беше многу важно на таков јазик да е напишан романот, зашто секоја книга е и документ на едно време. Сакам книгата да е жива. Пишувањето на сленг го направиле многу автори пред мене, да го споменеме Марк Твен во Америка. Како што ние ги преведуваме Твен или Селинџер, така ќе се преведува и ‘Тони’. Ќе го приспособат на нивниот урбан јазик, јазик на педесетгодишник кој живее во тамошно Дебар Маало“, истакна Бужаровска, писателка, преведувачка и професорка. Нејзините книги се преведени и објавени на петнаесетина јазици, а расказите од „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ се поставени во шест театарски претстави во земјата и во странство.

Инаку, „Тони“ е во конкуренција за книжевната награда „Роман на годината“, заедно со уште 42 романа кои годинава беа пријавени на конкурсот.

 

ИЗДВОЕНИ