„Бундесбанк“: Меѓународната царинска војна предводена од САД може да ја втурне германската економија повторно во рецесија

16

Меѓународната царинска војна што ја започнаа САД би можела повторно да ја втурне германската економија во блага рецесија, изјави денеска претседателот на „Бундесбанк“, Јоаким Нагел.

Во најдобар случај, може да се очекува стагнација, рече Нагел на маргините на состанокот на Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.

„Не можам да исклучам дека оваа година може да видиме малку негативни знаци или блага рецесија“, рече Нагел, додавајќи дека фазата на неизвесност сè уште не е помината, пренесува dpa.

Германската влада претходно ја намали прогнозата за економски раст и сега предвидува стагнација. Според пролетната прогноза, економијата трета година по ред нема да бележи раст.

Во јануари Владата сепак очекуваше раст од 0,3 отсто, но сега предвидува нула, а за следната година не се очекува забележително закрепнување бидејќи се предвидува раст од максимум еден процент.

Се очекуваат позитивни импулси од фискалните одлуки на идната федерална влада, но тие само ќе можат да го стимулираат економскиот раст во наредните години.

ИЗДВОЕНИ