Правниот субјект „Булмак“ кој стопанисува со рудникот „Тораница“ е казнет со 200 илјади евра поради настант прекршок од трета категорија, односно поради загадување на водата во Крива Река со тешки отровни метали.
– По извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24.03.2025 година, од страна на аинспекторатот за животна средина, утврдено е дека од страна на БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка согласно член 212-ж став (1) точка 16 и став (2) од Законот за животна средина е сторен прекршок од трета категорија при што гореименуваниот сторител е согласен за поведување на постапка за спогодување согласно Законот за животна средина пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање – информираат од Министерството за животна средина.
Имено, според известување од страна на „Булмак“ на 14.03.2025 во период од 06:30 до 07:00 часот се случи инцидент поради пукање на цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, вода која не содржи хемиски средства бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација, и содржи само механички онечистувања, односно е заматена.
– „Булмак“ извести дека во меѓу време дефектот се санира и е сопрено истекувањето на водата. Со потпишување на овој записник сторителот се согласува за поведување на постапка за спогодување согласно член 212-г од Законот за животната средина – велат од МЖСПП.
Предвидената прекршочна глоба за големи трговци согласно регистрацијата во Централен Регистар на РСМ во овој случај за правниот субјект е максимална и изнесува 180-000 до 200.000 евра во денарска противвредност, односно максимални 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице.
Министерот за животна средина Изет Меџити рече дека нема толеранција за загадувачите.
– Законот мора да се почитува. Секој што ќе ја загрози животната средина ќе се соочи со санкции, без исклучок. Инспекциските контроли ќе продолжат со засилено темпо, а Министерството ќе инсистира на целосна транспарентност и одговорност. Ова е само еден од многуте чекори што ги преземаме за да обезбедиме чиста и безбедна околина за сите граѓани – истакна Меџити.
(С.Бл.)