Се уште нема договор со Бугарија за заедничка изградба на тунелот на пругата од Коридорот 8, вели министерот за транспорт и врски, Александар Николоски. Според него, предлог договорот што Бугарија и го испрати на Македонија минатата недела не испратил позитивни вести.
– Се уште нема договор, кога би имало би го објавиле. Точно е дека се водат интензивни разговори и прашање на време е, на недели, а не на месеци, кога ќе се излезе со позитивни вести ако постои добра волја од страната на Бугарија. Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат, а не да не се поврзат како што е сега, за жал – рече Николоски.
Тој вели дека договорот треба да содржи три сегменти.
– Првиот е изградба на заеднички тунел што треба да ги поврзува двете држави. За жал, во претходниот проект тунелот завршуваше буквално на пола, на слепа улица или слепа пруга. Вториот дел е јасна обврска да преземе Софија да го изгради делот од границата со Македонија до Ѓуешево, како и да го реконструира делот од Ѓуешево до Софија за да има модерна пруга и од нивната страна. Третата обврска е наша, да направиме ревизија на проектот што веќе правиме зашто е невозможно толку скапо да чини тој проект, за толку малку километри толку многу пари да се потрошат – истакна Николоски.