Бугарија: Шест малолетници, на возраст од 4 до 14 години, се хоспитализирани откако консумирале бисквити од канабис

283

Шест деца на возраст од 4 до 14 години се примени во Универзитетската болница „Д-р Георги Странски“ во Плевен на северот од Бугарија, откако консумирале бисквити со канабис.

Дополнително, уште едно дете се лекува поради земање опијати и кокаин, вели Тања Вашкова, претставник за односи со јавноста во здравствената установа, пренесува Новините.

Овие деца изминативе два дена се хоспитализирани на Клиниката за токсикологија, додаде Вашкова.

„Децата се примени во тешка состојба со квантитативни и квалитативни нарушувања на свеста. Направени се реанимација, детоксикација и специфични третмани. Во моментов виталните знаци им се стабилни, но се уште се поспани“, рече таа.

Според неа, информирани се надлежните органи, а истрагата е во тек.

Сите заболени деца се од Плевен и наводно добиле пакетчиња со бисквити од непознати лица. За ситуацијата е известена полицијата, Одделението за заштита на децата и Детската педагошка соба“, додаде Вашкова.

Шефицата на Клиниката за токсикологија, Евгенија Бурзашка, предупреди дека се работи за сериозно прашање кое бара внимание и акција.

„Од клучно значење е да се биде внимателен и да се обезбеди безбедноста на децата. Секогаш мора да следиме што јадат и со кого комуницираат. Во овој случај, мора да ја нагласиме важноста од избегнување на какви било прехранбени производи што ги нудат непознати лица“, додаде таа.

Властите ги повикуваат родителите и старателите да ги едуцираат своите деца за ризиците и внимателно да ги следат нивните интеракции и храната што ја консумираат.