Бугарија одбива да оди на самитот на НАТО: Причината е Украина?

301

Бугарскиот претседател Румен Радев го отфрлил владиниот предлог да ја предводи делегацијата на земјата на самитот на НАТО во Вашингтон во јули, истакнувајќи дека не бил консултиран при изготвувањето на официјалниот став и обврските на земјата во врска со војната во Украина, соопштија денеска од неговиот кабинет.

Одлуката доаѓа по жестоките дебати меѓу проруските и прозападните партии во Бугарија за тоа дали Радев како врховен командант на армијата треба да ја претставува земјата на самитот на НАТО.

Радев често беше критикуван од политичките противници за неговата наклонетост кон Кремљ по руската инвазија на Украина, како и за јавните изјави дека испраќањето воена помош за Киев го продолжува конфликтот.

Тој ги нарече „воини“ оние кои се залагаат за воена помош за Украина.

Бугарија, еден од најблиските сојузници на Москва за време на Студената војна, се приклучи на НАТО во 2004 година.

Иако претседателството е главно церемонијално, тоа обезбедува моќна платформа за влијание врз јавното мислење. Според анкетите, голем дел од населението во земјата од околу 6,6 милиони граѓани споделува проруски симпатии засновани на историските и културните врски меѓу двете нации.