Со речиси идентичен вокабулар официјалните претстставници на бугарските и на грчките државни органи изминативе два дена реагираа против ставовите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски и на македонската Влада. На удар на реакциите посебно се најдоа изјавите на Мицкоски кој завчера одговарајаќи на пратенички прашања во Собранието рече дека пред Македонија и Албанија се поставуваат различни услови за преговорите за членство во ЕУ.
– Ние се грижиме за македонското малцинство насекаде. Вистинското прашање е зошто во Македонија околу 700-800 Бугари кои што декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот треба да ги ставиме во Устав, а зошто Албанија го нема тој услов овие осум илјади да ги стави во Уставот? Тоа е суштинското прашање – рече Мицкоски во македонското Собрание.
По ова дојде реакцијата на бугарското МНР кое соопшти дека ги осудува изјавите на македонскиот премиер.
-Изјавите на премиерот Христијан Мицкоски не само што ја искривуваат реалноста, туку и ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и европска интеграција. Сакаме да нагласиме дека прашањето за правата на Бугарите во РС Македонија не е билатерален спор меѓу нашите две земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди. РС Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да го усогласи своето законодавство и практика со овие принципи – се вели во ставот на бугарското МНР.
Вчера и Бојко Борисов, лидер на бугарската партија ГЕРБ оцени дека „зборовите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски се апсолутна провокација“.
Слична изјава, со речиси ист вокабулар, дека македонската Влада нема допир со сегашната реалност завчера даде и грчкиот министер за одбрана, Никос Дендијас. За време на говор одржан на конференцијата Делфи во Вашингтон.
-Дозволете ми да го спомнам Западен Балкан. Таму проблемите се затскриени, Косово, Босна и Херцеговина и Влада во С.Македонија која нема допир со сегашната реалност. На сите овие предизвици, Грција одговара со многу јасна позиција, почитувајќи го меѓународното право и меѓународните договори и во исто време заштитувајќи го сопствениот суверенитет, суверените права и територијалниот интегритет. За да се справиме со оваа сложена и нестабилна средина, воспоставивме партнерства на повеќе нивоа со земјите од нашиот регион – рекол меѓу другото грчкиот министер за одбрана.
Неодамна обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски на средбите во Њу Џерси, каде изјави дека „македонското прашање е се уште нерешено“, при посетата на САД, предизвика остри реакции во Грција.