Наскоро ќе се знае по која варијанта ќе се гради брзата пруга на коридорот 10. Министерот за транспорт, Александар Николоски, вели дека затоа е важно Македонија што поскоро да ја изгради брзата пруга. Според него, засега цената за изградба е индикативна, бидејќи кога ќе се направи проект, ќе се знае и цената на чинење. – За брза пруга со две линии, цената е некаде околу 10 милиони евра за километар, што значи, ако треба Македонија да изгради меѓу 210 и 225 километри брза пруга, тоа би било некаде околу 2 милијарди евра инвестиција, истакна Николоски и додаде дека паралелно ќе се работи на реконструкција на постојната пруга на коридорот 10 и на изградба на нова
Бугарија во моментов работи на алтернативна пруга на коридорот 10 и со тоа ја поставува Македонија во незавидна положба. Затоа е важно Македонија што поскоро да ја изгради брзата пруга, а каде ќе поминува трасата – во игра се три варијанти. Ова го истакна министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
– Бугарија има приоритет да работи на алтернатива на коридорот 10, бидејќи во Јужна Европа е најисплатлив коридор. Бугарија прави огромни притисоци да изработи алтернатива на коридорот 10, односно од Ниш, наместо пругата да се спушта надолу кон Скопје и кон Солун, да оди источно кон Босилеград, а потоа, по реката Струма, да се спушта низ Бугарија и по тоа да се поврзе со Солун. Тоа е битката што се случува во моментов, зад завесата. Доколку се реализира оваа битка, Македонија ќе стане слепо црево на Балканот. И затоа се нервозни, затоа што ние им ја разбиваме таа стратегија со тоа што ставаме фокус на коридор што е економски најисплатлив и што е најприроден. Ако сме наивни и ако се водиме од приказни што ни ги подметнува некој, а не од нашиот интерес, ние нема да го развиваме она што е природен тек на Балканот, а тоа е Вардарската Долина по која, секако, треба да одат коридорот 10 и брзата пруга – истакна министерот Николоски.
Tој посочува дека за брзо време ќе се избере трасата по која ќе се гради брзата пруга на коридорот 10.
– Имаме три варијанти за брзата пруга. Во наредниов еден месец, треба да пресечеме која варијанта ќе ја избереме. Едната е по Вардарската Долина, по постојната пруга. Втората е малку источно од Вардарската Долина, над постојниот автопат, значи трасата да се качува над Вардар. Третата варијанта е онаа од 1978 година. Станува збор за проект од времето на претходната држава, со проектирана брзина од 250 километри на час, која оди Табановце, Куманово со триаголник до аеродромот и Скопје, потоа до Штип, Струмица, Гевгелија и Солун – потенцира Николоски.
Според него, засега цената за изградба е индикативна, бидејќи кога ќе се направи проект, ќе се знае и цената на чинење.
– За брза пруга со две линии, цената е некаде околу 10 милиони евра за километар, што значи ако треба Македонија да изгради меѓу 210 и 225 километри брза пруга, тоа би било некаде околу 2 милијарди евра инвестиција – истакна Николоски и додаде дека ќе се работи паралелно на реконструкција на постојната пруга на коридорот 10 и на изградба на нова.
Во однос на финансирањето, најави дека проектот ќе се реализира во соработка со компании и со средства од земји од НАТО, односно нема да се финансира со заеми од Унгарија, Русија Кина и од арапските земји. Министерот потенцираше дека во моментов се работи на проект за реконструкција на постојната пруга, додека за изградба на брза пруга, потребно е време од 5-6 години откако ќе се изготви проектот и ќе се започне со нејзина градба.
– Во следните два месеца ќе излезам со конкретни решенија, кои ќе ги презентирам во јавноста за подоцна да можеме да почнеме со градба. Рокот за дизајн и за проектирање е една година, а рокот за изградба е четири-пет години, во зависност од теренот. Тоа значи дека целиот проект треба да трае меѓу пет и шест години – рече Николоски.
Тој истакна дека Македонија ќе продолжи да ја гради пругата кон Бугарија, на коридорот 8.
– Пругата кон Бугарија е во интерес за Македонија, но ќе продолжиме со изградба откако ќе се ревидираат сите недостатоци со посредство на ЕУ. Проектот има три главни недостатоци, а тоа се цената, изводливоста и тунелското решение. Во однос на цената, договорена е ревизија меѓу македонската страна, бугарската страна и Европската Унија. Да видиме како се дошло до овие суми и кој така ги предвидел тие суми. Многу е добро што во ревизијата ќе учествува и Европската Унија. И тие ќе видат многу работи и ќе ги извадиме сите работи во јавноста. Друга работа, кај се видело да се гради тунел до половина? Да, ќе градиме пруга кон Бугарија, но не по овој проект. Македонија е единствената во моментов што има активности на коридорот 8, во железничкиот сообраќај – рече Николоски.
Појасни дека компанијата што го има проектирано третиот дел од пругата кон Бугарија е истата компанија која не ја заврши штипската болница и со која сега Македонија е на арбитража.
– Мислам дека никој не е наивен да верува дека 24 километри треба да чинат 560 милиони евра. Сè уште не е прецизиран датумот за следната средба во Скопје на македонските и на бугарските претставници, но е веројатно дека ќе биде во последната недела од ноември – рече Николоски.
Претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, истакна дека приоритет за бизнис-секторот е изградбата на железничката и на патната инфраструктура во земјава.
– Во 2024 година да немаме пруга што сме ја имале пред 150 години – е навистина голема штета. Затоа бизнис-секторот реагира на оваа тема на дневна база. Иако во јавноста постојат повеќе правци на дискусија во однос на железничките поврзувања, за нас, како бизнис- сектор, поврзување број еден е Солун, бидејќи е на 230 километри од Скопје. Второ алтернативно пристаниште е Драч, а дури трета варијанта се Бургас и другите црноморски пристаништа – посочи Ангелоски.
Тој апелира што е можно побрзо да се активираат проектите за изградба на брзи пруги.
– Мора да се интензивира и работата со автопатските решенија, затоа што е неподносливо од економски и од бизнис-поглед ограничување на патната брзина од 50 и 60 километри во 21 век. Треба да се вложат максимални напори да се интензивираат овие инфраструктурни проекти, затоа што бизнисот апелира на дневна база дека ни се нужно потребни – потенцира Ангелоски.
До крајот на јануари ќе заврши целокупната експропријација за патните делници од коридорите 8 и 10-д
До крајот на јануари ќе заврши целокупната експропријација за патните делници од коридорите 8 и 10-д, кои треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
– Откако беше потпишан договорот со „Бехтел и Енка“, пред речиси две години ,до мојот избор за министер, прогресот беше некаде околу 25 проценти, а за овие шест месеци ќе се завршат вкупно 75 проценти, што многу зборува за посветеноста. За најтешката делница, Гостивар –Букојчани, до август беа завршени околу 400 постапки за експропријација од вкупно 1.290 што треба да се завршат. Другите ќе ги завршиме за пет-шест месеци и до крајот на јануари ќе заврши целокупната експропријација во делот на коридорите 8 и 10-д, со исклучок на делот од коридорот што зафаќа во делот од заштитената зона на Охридското Езеро – рече министерот Александар Николоски.
(С.Бл.)