Бугарија презеде обврска да згрижи 14 лица за лекување по трагичниот пожар во Кочани, Република Македонија.
Од нив, осум пациенти ќе бидат примени во Универзитетската болница за итна медицина „Пирогов“ во Софија, соопшти заменик-директорот на болницата, проф. Николај Габровски.
Во изјавата за новинарите, тој изрази искрено сочувство до семејствата на загинатите, нагласувајќи дека „оваа трагедија не може да не нè погоди и нас“, пренесува БТА.
Според него, со воениот транспортен авион „Спартан“ веќе пристигнале петмина пациенти, од кои тројца се на механичка вентилација, бидејќи нивното дишење е сериозно загрозено. Во тек е приемот на уште тројца пациенти – две деца на возраст од 15 и 16 години и еден 19-годишен млад човек, кои најверојатно ќе бидат интубирани.
– Нивната состојба е тешка, но ќе направиме сè што е неопходно за нивната дијагностика и лекување. Сакам да се заблагодарам на сите институции кои учествуваа во координацијата, бидејќи ова беше сложен процес, додаде Габровски.
Дополнително, тројца од повредените ќе бидат транспортирани до Универзитетската болница „Св. Георги“ во Пловдив, а уште тројца ќе бидат примени во Воената болница во Варна.
– Утре ќе имаме повеќе информации за нивната состојба и длабочината на изгорениците, посочи заменик-директорот на „Пирогов“.
Освен досега пренесените пациенти, во текот на денешниот ден во Бугарија со софиски амбулантни возила ќе бидат транспортирани уште шестмина повредени. Тројца од нив ќе бидат згрижени во „Пирогов“, а тројца во болницата „Св. Георги“ во Пловдив, информира бугарското Министерство за здравство на својата официјална Фејсбук страница.
Министерството упати благодарност до Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, како и до екипите на здравствените установи и центрите за итна медицинска помош за нивната навремена реакција и заедничка координација.
„Изразуваме сочувство до семејствата на загинатите во трагичниот инцидент“, се вели во соопштението.