Црногорскиот туристички бисер, Будва, станува хит- дестинација каде што припадниците на ЛГБТ-заедницата сакаат да го кажат судбоносното „да“ со својот животен партнер. Тоа го потврдуваат податоците од Секретаријатот за локална самоуправа, според кои лани биле склучени 70 истополови партнерства, што е за 50 проценти повеќе од годината пред тоа и трипати повеќе отколку во 2022 година.
Жана Капа, координатор на матичната служба на Секретаријатот за локална самоуправа, вели за „Вијести“ дека во текот на 2023 година, матичната служба на Општина Будва извршила вкупно 56 уписи во регистарот на истополови животни партнерства, додека годината пред тоа биле склучени вкупно 26 истополови животни партнерства. Таа потсетува дека токму Будва е првата општина во Црна Гора во која во летото 2021 година беше склучено првото истополово партнерство. На крајот од јули 2021 година, две млади жени, по потекло од Балканот, беа првите што стапија во партнерство.
Капа вели дека од 70-те склучени лани, само две животни партнерства биле меѓу лица од кои едното е државјанин на Црна Гора, но не живее во Будва, додека другото е странец. Другите 68 истополови партнерства се склучени меѓу лица што не се државјани на Црна Гора.
Црногорскиот Закон за истополово животно партнерство е од 1 јули 2020 година. Две недели подоцна, Општина Будва обезбедила регистар на истополови партнерства и извод од регистарот што го добиваат лицата што ќе склучат партнерство. Се оценува дека интересот за склучување истополови партнерства расте делумно поради големиот број странци што живеат или престојуваат во Будва, но и поради позитивните искуства од склучувањето партнерства.
Додека се зголемува бројот на истополови партнерства од година на година, бројот на склучени бракови минатата година во Будва бил многу помал отколку во 2023 година. Лани биле склучени 382 брака, што е за 176 помалку отколку во 2023 година, кога биле склучени 556. Интересно е тоа што речиси 80 отсто од склучените бракови не се меѓу лица од Црна Гора. Од вкупно 386 брака, во 262 двајцата сопружници се странци, а само 13 брака се склучени меѓу сопружници од Будва.
На територијата на Општина Будва лани имало 32 разводи.