Јавниот обвинител Гаврил Бубевски информираше дека обвинителството постапило по сите стандардни процедури во случајот со прегазената Фросина Кулакова. Тој во вечерашното гостување во Топ тема на ТВ Телма, рече дека постапката е проширена и за родителите на обвинетиот Васил Јованов, кој возел под дејство на алкохол и без возачка дозвола.
Бубевски изјави дека обвинителството ги презело сите неопходни мерки за прибирање и анализа на доказниот материјал, вклучувајќи видео материјали и експертизи за брзината на движење на возилото. Утврдено е дека возачот поминал на црвено светло, што, како што рече, ја подигнува кривичната одговорност и покренува умислен аспект.
– Тука умислата се подразбира. Затоа што за да постои умисла, треба сторителот да е свесен за своите дејствија или за своите недејствија што бил должен да ги преземе, но се согласил со последицата. Тука многу лесно може да се заклучи дека возењето под дејство на алкохол, со брзина која што е поголема од дозволената, таа е предмет на вештачење, но и со другите факти, веќе умислата е дефинирана. Затоа што стигнуваш на пешачки премин, каде што е црвено и тука веќе се согласуваш со последицата која што може да настане. Тука веќе нема место за друга правна квалификација во однос на овој дел, рече тој.
Обвинителот информираше дека постапката е проширена и спрема родителите и дадени се соодветни наредби до Министерството за внатрешни работи да ги испитаат околностите како што се кој му давал средства за бензин во возилото, од кога е возилото, кој го употребува. Тој рече дека би подлегнало на одговорност тоа што на обвинетиот му се пружило средство за предизвикување општа опасност.
– Постапката што се води против обвинетиот за ова кривично дело е проширена за да се испита влијанието и дејствијата на родителите во насока во која што му е овозможено на тоа лице да има средство кое што предизвикува општа опасност, изјави Бубевски.
Со палење свеќи и положување цвеќе, граѓаните и денеска оддадоа почит нa Фросина Кулакова од Неготино, која беше прегазена додека поминувала пешачки премин на Булеварот „Партизански одреди“ в
Во врска со обвинетиот Васил Јованов и неговите претходни кривични дела, конкретно за кривичното дело од 2023 година кога тој удира во возило и полесно ја повредува сопатничката, предлог кој завршува со парична казна, односно на прашањето како е возможно некој толкав период да вози без возачка дозвола и тоа да поминува неоткриено, тој одговори дека клучот е во превенцијата.
-За сѐ ова ние да го превенираме треба да тргнеме сами од себе, од семејството и сѐ понатаму што следува, рече обвинителот.
Прашан дали обвинителството го преиспитува нивното постапување во однос на обвинетиот Јованов и неговите претходни кривични дела, тој рече дека постапиле онака како што налагаат правилата за постапување.
Во однос на тоа што треба да се промени за да не се случуваат вакви работи, рече дека треба да се смени одговорноста. Додека, во врска со тоа дали треба да се променат казните во сообраќајот, рече дека се адекватни.
Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари годинава беше прегазена додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје.
Дваесет и двегодишната девојка беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло.
На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Во чест на Фросина, во Скопје во неделата се одржа масовен протест на кој граѓаните повикаа на одговорност.