Брзината и возењето под дејство на алкохол најчести причини за сообраќајни несреќи

270

Во текот на 2024 година, на подрачјето што го покрива полициската станица од општа надлежност Гевгелија се случиле вкупно 166 сообраќајни несреќи, од кои 69 со тешки последици, а 97 со материјална штета. Во сообраќајните несреќи со тешки последици, изминатата година загинале четири лица, 27 се здобиле со тешки телесни повреди, а 42 лица се здобиле со телесни повреди, информираше командирот на полициската станица од општа надлежност, Ангел Каракамчев, на седница на Советот на Општина Гевгелија.

– Акцентот во работата на оваа полициска станица во 2024 година бил на прекршоците што директно влијаат на безбедноста на сообраќајот, поради кои често доаѓа до сообраќајни незгоди со потешки последици. Како најчести фактори за овие незгоди тој ги наведе брзото возење, управувањето возила под дејство на алкохол, непочитувањето на првенството на минување, неправилното и непрописно престигнување, како и преземањето дејства на учесниците во сообраќајот без претходно да се уверат дека може безбедно да ги изведат – истакна командирот Каракамчев.

Најбројни прекршоци од областа на сообраќајот во 2024 година, на подрачјата на Гевгелија, Богданци и на Дојран, се прекршоците што ги сториле возачите поради пребрзо возење, и тоа 1.920. Потоа следуваат прекршоците поради управување моторно возило – 520 и прекршоците поради управување возило под дејство на алкохол – 281. Поради ваквите прекршоци, од сообраќај биле исклучени 131 возило, 950 возачи биле исклучени од сообраќај, биле одземени 361 возачка дозвола, а 53 возила биле упатени на вонреден технички преглед.

– Затоа, во функција на откривање, попречување и санкционирање на сообраќајните прекршоци, особено оние од потежок вид, полициската станица од општа надлежност  Гевгелија, освен во рамките на своето редовно работење, во 2024 година организирала и спровела 57 зајакнати републички  акциски контроли, како и 43 локални контроли – истакна Каракамчев.

Во изминатата година, по претходно добиени барања за соработка и давање асистенција во делокругот на нивната проблематика, заедно со општинскиот инспектор по сообраќај при Општина Гевгелија биле извршени повеќе контроли на такси-превозниците, во поглед на поседување лиценци за вршење дејност, како и преглед на возилата што имаат лиценца за вршење линиски превоз, при што биле преземени соодветни мерки од општинскиот инспектор.

Полициската станица од општа надлежност Гевгелија функционира во рамките на ОВР Гевгелија, при СВР Струмица. Подрачјето што го покрива оваа станица се протега и територијално ги покрива локалните самоуправи Гевгелија, Богданци и Дојран, со вкупно 34.321 жител.

(Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ