Брзината и високите цени на доставување, доверливоста на курирските услуги, ограничените опции за доставување, како и ниското ниво на професионалност на кадарот на доставувачи се најголемите предизвици за успешно функционирање на е-трговијата во земјите од Западен Балкан, покажа извештајот на Асоцијацијата за е-трговија, изработен со поддршка од НЛБ.

И според последните достапни податоци на Универзалната поштенска унија (УПУ) може да се согледа дека состојбата во оваа област на Западен Балкан е далеку од задоволителна. Индексот за интегриран поштенски развој, кој ги мери факторите како доверливост, опфатеност, релевантност и отпорност, покажува дека ниту една од земјите во регионот не достигнува високо ниво на поштенски развој.

– Резултатите од спроведената анкетата со е-трговците од регионот го истакнаа доставувањето како нивни најголем предизвик. Предизвиците со доставувањето не само што го ограничуваат развојот на е-трговијата туку и ги намалуваат задоволството на потрошувачите и конкурентноста на бизнисите во регионот. За е-трговијата да се развива со побрзо темпо, неопходно е да се вложи во модернизација на логистичките услуги и во подобрување на нивните достапност и флексибилност – вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска.

Србија е најнапредна во регионот во однос на развиената out-of-home мрежа за доставување, но позитивно е што и во Македонија почнува полека да се модернизира овој сектор.

– Ако досега единствен достапен начин на доставување на производите беше до врата (home delivery), од неодамна почна поставувањето пакетомати, што го најавуваат како услуга повеќе компании и што ќе придонесе за развивање на out-of-home delivery мрежата, а со тоа и развивање на е-трговијата – вели Ангеловска.

Податоците на Светска банка за меѓународниот индекс за логистички перформанси (ЛПИ) ги рангира земјите од Западен Балкан меѓу најслабите во Европа. Македонија постигна најдобри резултати во царината (43. место глобално) и во следењето на пратките (46. место), но, сепак, останува ниско рангирана во квалитетот на логистиката и компетенциите (53. место) и во инфраструктурата (55. место). Србија и Албанија се со уште помали оценки, што дополнително ги истакнува предизвиците во логистичкиот сектор.

ИЗДВОЕНИ