Од перспектива додека бевме во опозиција до пред изборите, слободно можам да кажам дека 2024 година беше исклучително тешка на економски план имајќи предвид дека имавме очекуван слаб БДП, слаба куповна моќ на граѓаните поради ниските плати и ниските пензии, граѓаните се соочија со инфлација. Инфраструктурните проекти, кои по дефиниција треба да ја стимулираат економија, беа закочени, речиси сите беа со продолжени рокови, бележевме душманско испумпување на буџетот за приватни интереси и ред други работи што само го кочеа развојот на државата.
Преземањето на извршната власт беше првиот чекор во разрешувањето на оваа состојба, но економските текови се такви што не може да ги промените за само еден месец. Точно е дека презедовме низа економски и стимулативни мерки за да може, во краток рок, да им дадеме надеж на граѓаните.
Донесовме одлука да ги покачиме пензиите за сите пензионери, одлучивме да ги зголемиме платите во образованието, здравството, полицијата, стимулиравме мерки за приватниот сектор за да може и тие да им ги зголемат платите на своите вработени.
Обезбедивме неколку странски инвестиции, со што директно влијаевме врз обезбедувањето нови работни места за нашите граѓани. Дополнително со тоа, и работа на локални компании како подизведувачи.
Борбата против криминалот е клучна за враќањето на вербата кај граѓаните и заштедите во буџетот, кои ги направивме, придонесоа да може да ги планираме и да ги реализираме сите економски активности за да ѝ дадеме нова насока на движење на државата.
Во делот на ресорот со кој раководам, би рекол еден од најважните за економски раст на државата. Успеавме за кратко време да решиме најголем дел од проблемите кои ги наследивме, а за кои претходно слушавме дека се огромни и нерешливи. Точно, тие беа огромни, ама не и нерешливи. Со добра организација, со добро менаџирање, ги надминавме и, еве, резултатите доаѓаат. Го завршивме експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, го завршивме експресниот пат Градско – Дреново, ја завршивме пругата од Куманово до Бељаковце, донесовме нови авиолинии, ги олеснивме и ги забрзавме постапките за изградба на автопатиштата на коридорите 8 и 10. Обезбедивме 100 милиони евра за општините за инфраструктурни проекти.
За следната година, ќе обезбедиме уште дополнителни 250 милиони евра, исто така, директна помош за проектите во инфраструктурата за општините.
Спомнав дека економскиот раст на државата, покрај макроекономските политики, директно зависи и од капиталните проекти што ги реализираме. Брзата пруга е проект во фокусот на кој интензивно ќе работиме следната година, потоа реконструкцијата, исто така, на пругата на коридорот 10, изградбата на патишта, гасоводот и голем број проекти во општините – со нив ќе стимулираме економски раст и развој на државата.
Мора да ја вратиме Македонија на патеката на развој, во која ќе имаме стабилна економија, конкурентни и ефикасни компании, кои ќе продуцираат нови работни места, повисок животен стандард и подобар живот за граѓаните.
Заврши времето на апатија, граѓаните веќе ги препознаваат добрите политики на Владата и верувам дека следната година ќе биде многу поуспешна од сите претходни години што ги изгубивме.
(С.Бл.)