Брутално убиство во Атина: Ја убил поранешната партнерка додека таа барала полициска придружба до дома

897

Дваесет и осумгодишна девојка била брутално убиена синоќа во Атина од нејзиниот поранешен партнер додека била на телефонска врска со полицијата од која барала да ја придружува до дома.

39-годишен маж со нож ја избодел поранешната партнерка на само неколку метри од полициската станица каде што таа претходно бил. Бидејќи забележала дека ја следи бившиот партнер таа побарала од полицијата да ја придружуваат до дома. Но, како што јави „Прото тема“, жената во станица била известена дека нема полициско возило и и било предложено да се јави на телефонскиот број 100, односно во полицискиот сектор надлежен за итни случаи и од нив да побара придружба. Според вработените во станицата, таа рекла дека тоа ќе го направи сама.

Таа потоа излегла од станицата и го повикала бројот 100, но додека разговарала со полицијата, напаѓачот и пришол со мотор и и нанел смртни повреди.

Како што пренесуваат грчките медиуми, двојката се разделила во 2020 година кога жената, меѓу другото, го пријавила нејзиниот тогашен партнер за силување, додека против него биле изречени рестриктивни мерки.

Полицијата нареди внатрешна истрага за да се утврдат сите околности на овој настан како и работата на полицијата.