Српскиот кошаркар Никола Јокиќ на брутален начин го прокоментира настапот и односот на неговиот соиграч Мајкл Портер Јуниор на првиот плејоф натпревар против Лос Анџелес Клиперс. Денвер успеа да се врати, да ја анулира негативата од 15 поени против гостите од Лос Анџелес и по продолжението го доби првиот натпревар од плејофот на Западната конференција, но пропустите на тимот од Колорадо беа јасно видливи.
Едвај можеа да одбранат напад на противникот, а кога Јокиќ ќе заминеше на заслужен одмор, нападот целосно се распаѓаше. Во отсуство на српскиот центар, тимот гледа на Џамал Мареј и Мајкл Портер Јуниор, кои не можат да се пофалат со одлична форма.
- Ако сега не можете да најдете мотив и да се вклучите, тогаш не треба да играте кошарка. Добро, тоа е само прв натпревар, може да се случи. Наскоро ни претстои сосема поинаков натпревар и шанса да се поправиме, изјави Јокиќ.