Леброн Џејмс не беше во составот на Лос Анџелес Лејкерс за натпреварот против Милвоки на кој доживеаја убедлив пораз, но можеше од првиот ред да го следи натпреварот на кариерата на својот син. Младиот Брони Џејмс, 55. пик од претходниот драфт, постигна 17 поени против тимот на Јанис Адетокумбо, во еден од најтешките порази на Лејкерси во последните години (118:89).
Бакси беа доминантни на теренот, имаа и 35 поени разлика во еден момент во последната четвртина, а на крајот тимот од Лос Анџелес успеа само да ја намали разликата на огромни 29. Поради отсуството на Леброн Џејмс, Лука Дончиќ и Остин Ривс, другите играчи мораа да ја преземат топката во свои раце, а во тие околности и Брони Џејмс.
Синот на Леброн шутираше 7/10 од поле, или 5/6 за два и 2/4 за три поени, а го погоди и единственото слободно фрлање што го изведе. Имаше пет асистенции, три скока, една блокада, четири загубени топки и четири лични грешки. Со него на теренот Лејкерси заостанаа 36 поени, но и тој не беше најслаб во својот тим во тој поглед.
За младиот кошаркар, кој не го покажа целиот свој потенцијал изминатиот период, најмногу се пишуваше бидејќи многумина сметаат дека „преку врски“ добил место во лигата. Познато е дека Леброн Џејмс сакаше да игра со својот син и го „чекаше“ во најсилната кошаркарска лига на светот, а Лејкерси немаа што да загубат бидејќи го донесоа како 55-ти пик на драфтот.
Поради сето ова, тој упати остри критики до навивачите.
- Гледам сè што луѓето велат и размислуваат, како да сум е**н робот, како да немам чувства или емоции, порача Брони.
Младиот Брони оваа сезона најмногу играше за тимот во развојната лига и се обидуваше максимално да ги искористи повремените шанси што ги имаше со НБА тимот – очигледно беше дека се мачи и му треба повеќе време за адаптација.