Бројот на починати по конзумирање „лажна ракија“ во Анкара се искачи на 63, а 36 лица во моментов се на интензивна нега во болница, објави денеска турскиот весник Хаберлер.
Продолжува истрагата на обвинителството за алкохолни пијалаци произведени во дестилерии без лиценца.
Врховното јавно обвинителство во Анкара отвори истрага и досега се уапсени 30 лица.
Во досиејата на осомничените за шверц на алкохол и „предизвикување смрт со можна умисла“ се додадени и токсиколошки извештаи од Институтот за судска медицина.
Како што пренесува порталот Милиџет, поради смртта на голем број луѓе кои биле затруени од лажна ракија, експертите уште еднаш укажале на штетноста на метил алкохолот кој се користи во производството на фалсификуван алкохол.
Метил алкохолот може да предизвика голем број трајни, сериозни здравствени проблеми, па дури и да доведе до смрт, предупредуваат лекарите.
Специјалистот за итна медицина Јунус Емре Ердоган истакна дека труењето со алкохол може сериозно да го загрози здравјето и животот.
„Овие пијалаци користат метил алкохол (метанол), поевтина и попристапна супстанција, наместо етил алкохол. Метанолот во суштина е индустриски растворувач и гориво. Тој е исклучително токсичен за човечкото тело“, рече тој.
Тој истакна дека метанолот врши прекумерно оптоварување на бубрезите и црниот дроб, може да го оштети централниот нервен систем, да предизвика парализа, слепило, да го запре срцето и да предизвика трајно оштетување на мозокот.
Тој додаде дека фалсификуваниот алкохол може да содржи и разни хемикалии, бои, есенции и адитиви.
„Секоја од овие супстанции може да претставува различен ризик по здравјето, а најопасен е труењето со метанол. Кога дестилацијата не се прави правилно, се пие не само етил алкохол, туку и токсичен метил алкохол“, објасни д-р Ердоган.
Турските медиуми потсетуваат дека во Истанбул во изминатите два месеци бројот на починати од труење со фалсификуван алкохол достигна 30 и дека овој проблем станува „вистински кошмар“ во Турција, пренесува Танјуг.