Брнабиќ: Курти не смее да седне спроти Вучиќ

89

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека премиерот на Косово Албин Курти не сака да разговара и не сака да направи чекор напред Србите на Косово и Метохија да ги уживаат основните човекови права. Таа оцени дека Курти не сака дијалог и дека се плаши од средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, бидејќи има слаби аргументи.

„Мој впечаток е дека Курти не смее да седне спроти претседателот Александар Вучиќ, бидејќи претседателот има аргументи, затоа што бара одговори и сака да слушне кога ќе се спроведе бриселскиот договор“, изјави Брнабиќ за телевизија Пинк, зборувајќи за новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина.

„Мислам дека Курти уште еднаш покажа дека не сака дијалог, нема интерес да направи чекор напред за Србите на Косово и Метохија да ги уживаат основните човекови права и нема намера да формира ЗСО“, рече Брнабиќ.

Според неа, Вучиќ не ги избегнува тие средби, колку и да се тешки и непријатни.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел синоќа на прес-конференција по билатералните средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека Курти побарал „формализација на основниот договор, да се отфрли писмото во кое поранешната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, кон средината на декември минатата година изрази резервираност кои се однесуваат на обврските кои произлегуваат од договорот за патот кон нормализација на односите со Република Косово, вклучително и на анексот за неговото спроведување и за испорачување на Милан Радоичиќ на правосудните органи во Приштина“.