Британските даночни власти ќе испратат 700.000 писма до пензионерите со даночно барање од 665 фунти во просек.
На многумина ќе им биде кажано дека за првпат должат данок на своите пензии, пишува британски „Сан“.
Надлежните институции пресметале дека бројот на даночни обврзници е зголемен во однос на периодот пред две години, кога биле контактирани 120.000 лица помалку.
Ова може да биде удар за финансиите на пензионерите, пишува весникот. Износот на данокот е еквивалентен на околу три недели живот, тврдат експертите, а пензионер чиј приход е малку над даночната стапка, можеби, нема ни да има толку пари на располагање.
Писмата треба да содржат прецизни пресметки на сите приходи заработени меѓу април 2023 и април 2024 година. Рокот за плаќање е до крајот на овој месец, а има можност за плаќање на рати. Сепак, за некои пензионери може да биде шокантно кога ќе го добијат писмото, бидејќи на многумина не им е сменета финансиската состојба во последните неколку години.
За жал, сè се сведува на сувото прашање за даночните прагови, кои Владата ги замрзна, додека државните пензии продолжуваат да растат заедно со инфлацијата, што значи дека се вовлекуваат сè повеќе и повеќе луѓе во плаќањето даноци, заклучува „Сан“.
Освен ако Владата на лабуристите не интервенира, основниот додаток што можат да го заработуваат луѓето годишно без да плаќаат данок на доход ќе се одржува на 12.570 фунти до 2027 година.