Читаниот британски весник „Индипендент“ посвети голем текст за трагедијата во Кочани, во која фокусот го става на смртта на Андреј Ѓорѓиески, еден од членовите на бендот ДНК, кој трагичната вечер во дискотеката на смрттта „Пулс“, имаше настап. Под наслов: „Пејачот ‘умре како вистински херој’, втрчувајќи во пожар во ноќната дискотека во Северна Македонија, за да ги спаси младите обожаватели“, британскиот весник потенцира дека пејачот на ДНК бил опишан како „добар и скромен“ од неговиот ожалостен менаџер. Пејачот на македонската хип-хоп група која свиреше пред пожарот да убие 59 луѓе „умре како вистински херој“, враќајќи се во пеколот за да ги спаси своите млади обожаватели, а не себеси.
Весникот ги опишува и самите снимки од социјалните мрежи покажувајќи го хаосот во импровизираната дискотека, кога покривот се запали со голема брзина. Во тој миг Ѓорѓиески гласно на микрофон ги повика присутните да излезат што е можно најбрзо. Сепак, како што наведува „Индипендент“, пејачот се вратил во запалениот простор каде што загинаа 59 луѓе. Менаџерот на хип-хоп групата вели дека Андреј можел кукавички да избега, но одбрал да се врати, да помогне. – Никогаш во животот не сум сретнал толку добра и скромна личност, каков што беше Андреј. Останува да се надеваме дека ова ќе не освести сите како народ и дека државата Македонија нема да дозволи да ни се повторуваат ваквите трагедии, се вели во текстот на тиражниот „Индипендент“.