Брисел нè опомени – каскаме со реформи во судството и администрацијата

Брисел очекува да види владеење на правото во Македонија и компетентна јавна администрација која ќе ги спроведува потребните реформи, но токму во овие две области земјава најмногу доцни со спроведување на реформите. Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас оцени дека владеењето на правото стагнираше во изминативе неколку години и затоа многу скоро треба да има конкретни чекори. Ја пренесе пораката од Брисел дека Унијата очекува преку реформи да види силно судство и порача дека ЕУ одблизу ги следи случувањата поврзани со разрешувањето на членови на Судскиот совет. И министерот за европски прашања Орхан Муртезани се согласи дека реформите во правосудството „одат малку поотежнато“, но тој е оптимист дека процесот ќе добие на динамика во наредниот период

161

Брисел очекува да види владеење на правото во Македонија и компетентна јавна администрација, која ќе ги спроведува потребните реформи, но токму во овие две области земјава најмногу доцни со спроведување на реформите. Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, оцени дека владеењето на правото стагнираше во изминативе неколку години и затоа многу скоро треба да има конкретни чекори. Ја пренесе пораката од Брисел дека Унијата очекува преку реформи да види силно судство и порача дека ЕУ одблизу ги следи случувањата поврзани со разрешувањето на членови на Судскиот совет. Рокас истакна дека сè што може да се гледа како мешање во независноста на судството и во функционирањето на Судскиот совет е прашање што во Брисел предизвикува загриженост.

-Има две области на кои треба да се фокусираме најмногу. Тоа е владеењето на правото, што е клучна компонента за сè, а другата е јавната администрација, односно реформата во јавната администрација. Потребна ни е компетентна јавна администрација којашто ќе може да ги спроведе сите реформи. Но, во делот на владеењето на правото работиме навистина напорно, знаеме дека тоа е голем приоритет. Стагнираше во изминатите неколку години, па затоа треба да имаме конкретни чекори напред и да ги имаме многу скоро, рече евроамбасадорот Рокас.

Рокас уверува дека проширувањето е еден од главните приоритети на Комисијата. Тој посочува дека реформската агенда не е лек за сите болести туку заеднички напор за трансформирање на општеството на патот кон ЕУ. Рокас вели дека спроведувањето на Реформскаат агенда од Планот за раст треба да резултира со тројна победа – опипливи придобивки за граѓаните, забрзување на интеграцијата на земјата во ЕУ и дополнителни ресурси во буџетот на земјата за поддршка на потребните реформи. Резултатите ќе се оценуваат два пати годишно, а средствата ќе се ослободуваат соодветно на фиксните полугодишни распореди само ако се постигнат целите, ќе се вршат и плаќањата кон националните буџети.

-Реформската агенда од Планот за раст не е замена за членството во ЕУ, туку е алатка за да се поддржат подготовките на земјата за ЕУ. Реформската агенда не е лек за сите болести туку претставува заеднички напор за да се спроведат потребните реформи кои може да го трансформираат општеството. Владата се обврза кон младите, бизнисите, НВО и кон медиумите дека ќе ги унапредува реформите со што ќе донесе опипиливи придобивки за земјата и ќе напредува кон ЕУ. Ова ќе го правиме заедно, ќе ги мобилизираме сите капацитети на Владата, рече Рокас.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, истакна дека динамиката на спроведување на реформската агенда од Планот за раст за земјава е добра, но не е доволна. Тој оцени дека во правосудството реформите „одат малку поотежнато“, но тој е оптимист дека процесот ќе добие на динамика во наредниот период. На презентацијата на мерките од Планот за раст за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 за Македонија, Муртезани истакна дека согласно Реформската агенда, која е донесена во Брисел за сите реформи кои нема да се исполнат во одредениот рок, стапува во сила автоматски грејс-период од 12 месеци, но како што рече, тоа за нас не треба да биде олеснителна околност, бидејќи за секој период има дополнителни реформи и ако ние не ги спроведуваме на време тие ќе се соберат, што на крај би значело, вели, дека нема успешно да ги реализираме.

-Засега нема таков фидбек од процесот на имплементација. Според мене како национален координатор, процесот на имплементација е задоволителен, но треба дополнително да се засили, бидејќи ако до декември имавме само пет реформски чекори, до јуни имаме 16, а до крај на годината 45. Плус не е само Реформската агенда, има и други процеси кои се предмет на реформи во државата, така што тие сите треба да одат паралелно и да се почитуваат временските рокови, нагласи Муртезани.

Прашан дали е можно доколку се доцни со реформите овие средства од Планот за раст во вкупна вредност од 750,4 милиони евра да ни бидат одземени со оглед на искуството од користењето на ИПА фондовите, Муртезани нагласи дека од почетокот на неговиот мандат апелирал за јакнење на капацитетите на државата за користење на ИПА фондовите, и дека ако не се посветиме со конкретни чекори истото може да ни се случи и со Реформската агенда од Планот за раст.

-Јас како министер имам агенда за спроведување на овие активности и ова ги надминува проблемите што ги имавме со ИПА. Сега за сега имаме јасен сигнал дека динамиката на имплементација е навистина добра, но не е доволна, бидејќи треба да се зголеми бројот на реформите.

Пред неколку дена, Македонија прва од земјите во регионот ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра, од претфинансирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ. Околу 24,4 милиони евра се за буџетска поддршка и веќе се уплатени на Министерството за финансии. Станува збор за седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка, којашто за земјава изнесува 750 милиони евра. Оваа исплата е врз основа на барањето за претфинансирање што беше доставено до Европската комисија во ноември минатата година. Пред две недели, земјава доставила барање до ЕК и за ослободување на дополнителни средства во износ од 17,1 милиони евра.

Од Делегацијата на ЕУ во земјава, преку соопштение, истакнаа дека процесот на интеграција во ЕУ бара збир на реформи што ќе доведат до забрзана социо-економска конвергенција со Европската Унија и со нејзиниот единствен пазар. За користење на фондот, секоја земја требаше да подготви реформска агенда, која е консултирана, оценувана и одобрена од Европската комисија по позитивната оценка од Советот на ЕУ. Пуштањето на средствата предвидени за секоја земја ќе биде условено со успешно спроведување на реформските агенди. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ