Брисел ќе притиска, но кого повеќе – Скопје или Софија?!

Евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека ЕУ делегацијата во земјава ќе се фокусира да ѝ помогнеме на земјава да ги имплементира реформите, а Македонија треба да го искористи моментумот во процесот на проширување. Рокас потврди дека постои интензивна дипломатска активност за евроинтеграциите на земјава, но не даде конкретен одговор дали по изборот на нова влада во Софија, се очекува Македонија и Бугарија да седнат на маса за решавање на проблемот и дали ЕУ би се нашла во улога на медијатор во тој процес. Во исто време, од Софија пристигаат пораки дека го поддржуваат проширувањето на ЕУ, но според заслуги, како и дека очекуваат политичка волја од раководството во Скопје за спроведување на договореното од 2022 година

259

Европската унија е свесна за евроскептицизмот во Македонија кој расте поради предолгото чекање пред портите на Унијата и максимално се анагажира за надминување на пречката од Бугарија за да може земјава да се придвижи на евроинтегративниот пат. Евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека ЕУ делегацијата во земјава ќе се фокусира да ѝ помогнеме на земјава да ги имплементира реформите, а Македонија треба да го искористи моментумот во процесот на проширување. Рокас потврди дека постои интензивна дипломатска активност за евроинтеграциите на земјава, но не даде конкретен одговор дали по изборот на нова влада во Софија се очекува Македонија и Бугарија да седнат на маса за решавање на проблемот и дали ЕУ би се нашла во улога на медијатор во тој процес.

-Во Бугарија има нова Влада, тоа е факт, и ги видовме пораките што се разменија за честитки за новата влада, ние го поздравуваме ова. Од наша страна како ЕУ делегација ќе се фокусираме да ѝ помогнеме на земјата да ги имплементира реформите. Како што кажав, постои голем моментум и голема можност во процесот на проширување, треба да се искористи тој моментум. Премиерот веќе на двапати беше во Брисел во декември, така што има интензивна дипломатска активност во овој момент, меѓутоа, паралелно со овие дипломатски напори за надминување на прашањето со Бугарија нашиот фокус ќе биде да се фокусираме на спроведување и испорака на реформите кои исто така произлегуваат од Реформската агенда која неодамна беше усвоена од вашата Влада, порача евроамбасадорот Рокас при посетата на Куманово.

Во контекст на очекувањата за Западен Балкан со стапувањето на новата американска администрација, Рокас рече дека секоја иницијатива за унапредување на патот кон ЕУ е добредојдена.

-Не е до мене да ја коментирам посетата на премиерот на САД, но САД се многу важен контрибутор и партнер на земјата и секоја иницијатива што доаѓа од другата страна на Атлантикот, со цел да се напредува во евроинтеграцискиот процес на државата, е повеќе од добредојдена, истакна евроамбасадорот.

Во исто време, од Софија пристигаат пораки дека го поддржуваат проширувањето на ЕУ, но според заслуги, како и дека очекуваат политичка волја од раководството во Скопје за спроведување на договореното од 2022 година. Бугарскиот премиер Росен Жељазков, една недела по стапувањето на премиерската функција во Софија, пред два дена во Стразбур оствари средби со европската тројка – со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со првиот човек на Европскиот совет, Антонио Коста и со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. Иако во изјавата за медиумите, Жељазков не спомна дека се разговарало за Македонија, како што пренесе БТА, на средбата со Кошта, бугарскиот премиер изразил поддршка за проширувањето на ЕУ, но според принципот на сопствени заслуги, односно исполнети обврски. Жељазков по средбата со Кошта во Стразбур, изјави дека разговарале за важни прашања поврзани со агендата на ЕУ во однос на проширувањето.

– Го потврдивме нашиот став, кој се однесува на земјите од Западен Балкан – дека се придржуваме до принципот на сопствени заслуги, како што повеќепати и постојано кажуваме, истакна новиот бугарски премиер.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, пак, во телефонски разговор со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изразил надеж дека „државниот врв на Република Северна Македонија наскоро ќе покаже политичка волја за спроведување на европскиот консензус од 2022 година и со тоа ќе го отвори патот на земјата кон преговори за полноправно членство во ЕУ“.

Како што соопштија од Кабинетот на бугарскиот претседател, Радев и Лајчак разговарале за евроинтегративните процеси на земјите од регионот. Тие истакнале дека Европската комисија му дава приоритетното значење на проширувањето на ЕУ, што му овозможува на Западен Балкан да постигне напредок во исполнувањето на критериумите за членство.

Официјалните пораки што доаѓаат од Брисел упатуваат на потребата да се донесат промените на Уставот, согласно преземените барања. Новата еврокомесарка Марта Кос, во неколку наврати го потенцираше ова очекување од ЕУ. Деновиве од Давос, Кос порача дека проширувањето на Европската Унија е процес заснован на заслуги, а не на временска рамка и дека ЕУ внимателно следи што се случува во земјите кандидати за членство кои се генерално обврзани да исполнат одредени услови, според принципот „земи или остави“. Кос направи паралела на процесот со Украина и Македонија. Таа рече дека за првпат ЕУ преговара со земја во војна, што бара работата да се заврши два до три пати побрзо од вообичаениот процес.

-Ако го споредиме процесот со оној на Северна Македонија, која е земја кандидат, ако работите се одвиваат со таа брзина, Украина ќе стане членка на ЕУ во 2045 година, рече Кос.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски, изминатиот период, на средби со високи европски претставници дома и во Брисел, го презентираше македонското барање за уставни измени со одложено дејство и порача дека Македонија досега направила доволно отстапки, како ниту една држава во ЕУ. По овие средби, Мицкоски сподели оптимизам со јавноста и порача дека земјава досега не добила антитези од Брисел за ставовите за уставни измени со одложено дејство. Мицкоски изрази подготвеност да се сретне со високи претставници на Софија и да разговара со нив каде било на оваа тема. И претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во првото свое годишно обраќање до јавноста, порача дека е време за храбар исчекор од Унијата и дека уставни измени со одложено дејство е единственото можно решение. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ