Македонскиот концертот на легендарниот бенд „Бијело дугме“, кој требаше да се одржи на 12 април во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје одложен е за 31 мај. Сите купени влезници ќе важат за новиот датум, велат од организацијата на Продукцијата „Прагма“.
– Концертот го одложивме поради трагичниот настан во Кочани, велат организаторите, со што се согласни и членовите на групата која се уште има многу свои фанови низ Македонија.
Бреговиќ и другарите пред некој ден настапија и во Загреб пред преполната „Арена“. Големи медиумски разбранувања имаше во хрватските медиуми поради нивното пеење на контроверзната песна „Пљуни и запјевај моја Југославијо“.
Инаку, оваа песна ја поддржа и популарната Северина која присуствуваше на концертот во Загреб и која од сè срце, заедно со групата ја испеа спомената песна, која не е нешто омилена кај хрватската публика.
„Бијело дугме“ во Скопје ќе музицира во рамките на славеничката турнеја по повод 50 години од основањето. Турнејата е насловена според нивниот хит „Да се доживее стотата“, a лидерот на бендот Горан Бреговиќ најавува дека ќе свират 50 концерти во 50 градови од поранешната заедничка држава. На концертот во Скопје ќе бидат: Горан Бреговиќ, Ален Исламовиќ, Младен Војичиќ-Тифа, Ѓиѓи Јанкелиќ, Огњен Радивојевиќ и Зоран Реџиќ. Првиот пејач на бендот Жељко Бебек тврдоглаво одбил да настапува на славеничката турнеја, а со тоа и на концертот во Скопје.
Бебек и Бреговиќ се повеќе од десетина години во жестока караница, која резултираше и неколку пати со одење на суд, а се поради недефинирани авторски и изведувачки права. Исто така Бебек јавно се изјаснил дека на овие сегашни концерти на „Бијело дугме“ никогаш не би ја пеел песната „Пљуни и запјевај моја Југославија“, која секогаш му била многу одбивна.
(Д.М.) фото: ФБ-архива