Братот на министер во Владата на Федерацијата БиХ претепан до смрт во Белград

214

Братот на потпретседателот на Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина, Војин Мијатовиќ е убиен во неделата попладне во Белград, потврди српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

„Синоќа околу 18-19 часот полицијата добила повик дека има тепачка, отишле на адресата на Вождовац, го пронашле повредениот со сопругата. Пренесен е во Ургентниот центар и таму почина“, изјави Дачиќ за ТВ Блиц.

Како што пренесуваат белградските медиуми, Ѓорѓе Мијатовиќ починал откако бил претепан од хулигани во детскиот парк во Вождовац.

Според неофицијални информации со кои располага Телеграф.рс, тој бил претепан од две млади момчиња по кои полицијата се уште трага.

Дачиќ нагласи дека се утврдува дали тој починал од ударите кои ги добил. Обдукцијата ќе утврди, лекарите велат дека имал и некои епилептични напади“, изјави Дачиќ.

Случајот бил пријавен во Вишото јавно обвинителство во Белград, кое побарало обдукција.

Како што дознава Телеграф.рс, синот на Мијатовиќ вчера му се пожалил на татко му дека млади луѓе го малтретирале во паркот и му ја украле топката. Мијатовиќ потоа отишол кај нив, а по кратка расправија младите го нападнале и го претепале. Тој во тешка состојба бил примен во болница каде им подлегнал на повредите.

Припадниците на МВР во Белград интензивно работат на пронаоѓање на две засега непознати лица, кои се осомничени дека претепале четириесетгодишен маж, кој починал во Ургентниот центар, објави денеска МВР на Србија.

Во соопштението се наведува дека полицијата веднаш по пријавата, во неделата во 18 часот и 20 минути, излегла на местото на настанот каде две лица претепале 40-годишен маж во парк на Вождовац.

„Припадниците на МВР интензивно работат на утврдување на сите факти и околности, како и на пронаоѓање на осомничените. Телото е пренесено во Институтот за судска медицина за обдукција“, се вели во соопштението.