Тркачкиот викенд во Абу Даби, последен од актуелната сезона во Формула 1, ќе биде посебен за браќата Леклер.

Браќата Шарл и Артур ќе возат за Ферари на првиот тренинг кој е на програмата денеска во 10:30 часот по наше време. Тоа ќе биде првпат во историјата двајца браќа да учествуваат на една Ф1 сесија како тимски колеги.

Дваесет и четиригодишниот Артур на патеката „Јас Марина“ ќе седне во болидот кој вообичаено му припаѓа на Карлос Саинц, со што тимот од Маранело ќе ја исполни својата обврска годинава да обезбеди две можности на возачите почетници.

Според правилата на ФИА, секој тимски возач мора да го предаде својот болид на првиот слободен тренинг на возач кој нема повеќе од два старта на трки.

Шарл претходно му го отстапи местото на Оливер Бирман во Мексико.

Меѓутоа, со тоа што Биерман тогаш ја возеше својата трета Ф1 трка на местото на болниот Кевин Магнусен во болидот на Хас во Бразил, тоа значеше дека Ферари мораше да избере друг возач за да го исполни гореспоменатото правило.

Затоа, болидот СФ-24 ќе го вози братот на Шарл, Артур, што ќе биде посебен момент за семејството Леклер, но и историски момент за Ферари и Формула 1.

Артур лани возеше Формула 2 и заврши на 15-тото место во генералниот пласман, а во Мелбурн беше на подиумот.

Тој ја помина оваа година како развоен возач во Ферари работејќи симулаторски работи во Маранело и исто така возеше за Ферари во ГТ3 шампионатот.

Покрај тоа, годинава учествуваше и во европските серии Ле Ман.

ИЗДВОЕНИ