На Карло Акутис, кој почина на 15-годишна возраст од леукемија, му се препознаени две чуда: тешко болно дете оздравело откако допрело негова реликвија и девојка со тешка повреда на главата почнала самостојно да дише истиот ден кога мајка и се помолила на неговиот гроб. Архитектот на чудесната катедрала „Саграда фамилија“ во Барселона, Антонио Гауди поради неговите доблести папата Франциск го прогласи за преподобен, што е прв чекор на патот кон светец
Божјиот инфлуенсер како што го нарекуваат италијанското момче Карло Акутис, дојде до крајот на патот за да стане светец. Церемонијата за прогласување беше закажана за в недела, на 27 овој месец, но планот го одложи смртта на папата Франциск, кој ќе биде погребан ден претходно. Божјиот архитект, пак, како што го нарекуваат Шпанецот Антонио Гауди, авторот на чудесната катедрала „Саграда фамилија“ во Барселона е на почетокот на патот до светец. Папата Франциск неодамна го прогласи за преподобен, што е прв чекор до станување римокатолички светец.
Младиот Акутис почина од леукемија на 15 години, во 2006 година. Тој беше погребан, а подоцна неговото тело беше ексхумирано, балсамирано и изложено во отворен саркофаг во италијанскиот град Асизи во облека каква што обично носат младите: фармерки, горна тренерка и патики. Илјадници верници доаѓаат во Асизи да му оддадат почит, зашто својот краток живот го посветил на црквата и се верува дека правел чуда. Тој би бил најмладиот меѓу луѓето прогласени за светци и прв светец од таканаречената генерација милениумци. Интересно е тоа што не потекнува од религиозно семејство, а љубовта кон католичката вера уште од мали нозе му ја всадила дадилката, која потекнувала од Полска. Карло Акутис на Фејсбук често пишувал за Бога, се залагал за децата и младите жртви на насилство од врсници и им делел храна на бездомниците. На интернет објавил списоци со чуда кои станаа популарни. Но, првото негово чудо поради кое беше прогласен за блажен, Ватикан го препозна во целосното излекување на тешко болно шестгодишно дете од Бразил, кога допрело негова реликвија во 2013 година. Девет години подоцна е забележано и второто чудо поради кое младиот Акутис ќе биде прогласен за светец – студентка од Костарика во критична состојба со тешка повреда на главата од сообраќајна несреќа, почнала самостојно да дише истиот ден кога мајка ѝ се помолила на неговиот гроб.
Причината поради која папата Франциск ја почна процедурата за прогласување на светски познатиот архитект Антонио Гауди за светец се неговите доблести. Гауди роден 1852 година, кој стана синоним за Барселона е прогласен за преподобен – прво скалило кон светец. Гауди бил скромен и многу побожен човек. Носел обична облека, па кога го удрил трамвај, го однеле во болница за бездомници. За него се зборува и дека за време на еден пост за малку ќе умрел од глад. Иако надарен архитект, тој ги избегнувал „стапиците“ на славата и сакал да живее како обичен работник. Починал три дена откако го удрил трамвај, а неговите последни зборови биле „Амин. Боже мој!“. По него жалел целиот град. На погребот присуствувале илјадници луѓе во поворка долга речиси еден километар. На изградбата на катедралата „Саграда фамилија“, тој посветил повеќе од четири децении од својот живот и сè до смртта, на 10 јуни 1926 година, живеел во работилница што се наоѓала во неа. За време на неговиот живот се завршени само приказот на рождеството Христово на фасадата свртена кон исток и една кула. Познато е дека Гауди не брзал да ја заврши работата и велел дека неговиот клиент може да почека, мислејќи на Исус Христос. Базиликата до ден-денес не е готова. Уште пред да почне да работи на „Саграда фамилија“, Гауди предвидел дека ќе доаѓаат луѓе од сите страни на светот за да размислуваат за нејзините чуда. И не згрешил! „Саграда фамилија“ секоја година ја посетуваат пет милиони туристи. Она што не го предвидел е дека тие луѓе ќе размислуваат не само за делото на креативниот гениј и визионер, туку можеби и за делото на светец. Прогласувањето на Гауди за светец беше иницирано од надбискупијата на Барселона во 1998 година, која барањето го испрати до Ватикан во 2003 година.