Од 11 до 22 ноември се одржува годишната конференција за климатски промени КОП29 во Баку, Азербејџан, на која учествува македонска делегација предводена од шефицата на државата, Гордана Силјановска-Давкова и министерката за енергетика, Сања Божиновска и министерот за животна средина, Изет Меџити.
Министерката Божиновска се обрати на панел-дискусијата „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот Балкански Регион“, на која ги претстави напорите на Република Македонија за подобрување на енергетската ефикасност, особено во градежниот сектор.
Таа ја нагласи важноста на иницијативата за нула-енергетски згради (NZEBs) како основен чекор за регионот во транзицијата кон нискојаглеродна иднина. Според неа, неодамнешниот УНДП патоказ за регионот нагласува дека достигнувањето на NZEB стандарди е и технички и политички предизвик кој бара итно решавање.
– Балканскиот регион се наоѓа на критичен пресврт. Со застарена енергетска инфраструктура и значителна зависност од увезени фосилни горива, се соочуваме со опипливи последици од климатските промени: зголемени температури, зголемена енергетска сиромаштија и притисок врз локалните економии и заедници. Градежниот сектор, кој учествува со над 40% од вкупната потрошувачка на енергија во регионот, во исто време претставува и предизвик и извонредна можност за трансформативни промени. Усогласувањето со Европската Унија преку Директивата за енергетски перформанси на зградите е од витално значење за нашата интеграција со зелената транзиција на Европа и за енергетска отпорност. За многумина во регионот, почетните трошоци за енергетски ефикасни технологии остануваат значителна бариера, додека недостигот од хармонизирани стандарди и механизми за спроведување на NZEB претставува дополнителен предизвик. Иако е постигнат значителен напредок, за да се постигне целосна усогласеност со НЗЕБ стандардите, потребно е да се зајакнат регулаторните рамки и да се воспостават поцврсти институционални механизми – истакна Божиновска.
Таа нагласи дека за Македонија, зголемувањето на енергетската ефикасност во градежниот сектор е еден од највисоките приоритети на националната климатска агенда и иако Македонија го постигна своето национално ниво од 30,5% за користење на обновливи извори на греење и ладење, преостанува потреба за насочени технолошки надградби за да се намали употребата на застарени системи со биомаса.
Таа ги нагласи заложбите во насока на подобрување на енергетската ефикасност преку Законот за енергетска ефикасност, кој налага развој на долгорочна стратегија за реновирање на зградите во период од најмалку десет години.
– Нашиот пристап вклучува нови градби и реновирање на постојниот градежен фонд. Според Законот за енергетска ефикасност, обврзани сме да развиеме стратегија за реновирање на згради со најмалку десетгодишен период. Оваа стратегија бара годишно реновирање на најмалку 1% од вкупната површина на јавни згради, со што се обезбедува усогласеност со минималните стандарди за енергетска ефикасност – рече Божиновска.
Остварувањето на овие цели, како што посочи министерката, зависи од целосната операционализација на Фондот за енергетска ефикасност, кој е клучен за финансирање на NZEB проекти и реновирање.
– Веруваме дека овој фонд ќе игра клучна улога во финансирањето на долгорочната стратегија за реновирање, особено за реновирање на јавни и станбени објекти со цел да се постигнат подобри енергетски перформанси. Македонија останува решена да ја зголеми енергетската ефикасност како клучен столб на својата климатска стратегија. Преку регионални и меѓународни соработки, активно работиме на исполнување на целите поставени во Патоказот на УНДП и Парискиот договор. Со зајакнување на енергетските перформанси на градежниот сектор, придонесуваме кон економски бенефит, енергетска сигурност и почиста животна средина – заклучи министерката Божиновска.
Професорот на Машинскиот факултет, Ристо Цицонков, потсетува на заклучоците од последниот самит КОП28, а тие се: Тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија на глобално ниво и удвојување на подобрувањата на енергетската ефикасност до 2030 година; Постепено намалување на термоелектраните на јаглен; Транзиција од фосилните горива во енергетските системи, на праведен начин; Забрзување на технологии со нула и ниски емисии: обновливи извори на енергија итн; Намалувањето на емисиите од патниот транспорт преку развој на инфраструктура и брзо воведување на возила со нула и ниски емисии; итн.
– Од денешна гледна точка дали има успех во спроведувањето на овие заклучоци? Нема потреба да го коментирам одговорот бидејќи се гледа од временските катастрофи во целиот свет – вели Цицонков.
Темите на кои ќе се дискутира на КОП29 вклучуваат: Финансии за климата – новата финансиска цел, позната како нова колективна квантифицирана цел која треба да биде усвоена. Ова треба да се надоврзува на одлуката од 2009 година според која се предложи фонд за помош од 100 милијарди долари годишно со важност до 2025 година, а во пракса не се спроведува целосно. Потоа содржи ажурирани национално определени придонеси – климатски акциони планови за намалување на емисиите и приспособување на влијанијата врз климата. Климатските планови треба да се ажурираат од ноември 2024 година до февруари 2025 година. Ќе се дискутира и за усогласување на биодиверзитетот и климата и за усогласување на спецификите на глобалната цел за адаптација.
(С.Бл.)