Божиновска од Атина: Балканот мора да гради заедничка енергетска иднина

14

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес учествуваше на 9. Балкански Енергетски Самит што се одржува во Атина, под покровителство на Министерството за животна средина и енергија на Грција, Министерството за енергетика на Унгарија и Регулаторната комисија за енергетика на Северна Македонија.

Божиновска беше дел од отворањето на самитот и министерскиот панел посветен на зајакнување на стратешката енергетска соработка на Балканот, заедно со министри и регулатори од целиот регион. Во фокусот на дискусијата беа регионалната енергетска безбедност, забрзаната транзиција кон чисти извори на енергија и заедничкиот одговор на глобалните предизвици.

– Регионалната соработка за нас не е избор, туку стратешка нужност. Денес, повеќе од кога било, Балканот треба да биде обединет во обезбедувањето сигурна, одржлива и зелена енергетска иднина – порача министерката Божиновска.

Таа нагласи дека Северна Македонија, иако мала по големина, е посветен и активен играч на регионалната енергетска сцена, преземајќи конкретни чекори кон либерализација на пазарот на електрична енергија, масовни инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетската инфраструктура.

– Веќе инвестираме во нови фотоволтаични електрани, го прошируваме ветерниот парк Богданци и ја градиме енергетската мрежа на иднината – со паметни технологии, подобрена ефикасност и поврзување со соседните земји. Само така можеме да создадеме вистински функционален регионален пазар истакна Божиновска.

Министерката посочи дека клучот за енергетска безбедност е комбинација од државни инвестиции во базични капацитети и активно вклучување на приватниот сектор. Според неа, Северна Македонија веќе бележи голем интерес од приватни инвеститори за изградба на ветерни и соларни капацитети, со вкупно поднесени барања за приклучување од 9.500 МЊ.

– Нашата стратегија е јасна: државата обезбедува сигурност, приватниот сектор носи иновации и дополнителна сила за зелената транзиција – додаде Божиновска.

Во своето обраќање, министерката го најави и новиот Закон за енергетика, кој е во парламентарна процедура, а кој треба да создаде уште посилна основа за инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетскиот сектор. Божиновска упати јасна порака дека енергијата денес е многу повеќе од ресурс – таа е темел за економски раст, енергетска независност и отпорност на глобалните предизвици.

– Енергијата е основата на иднината што сакаме да ја изградиме. Отворени сме за нови партнерства, за споделување знаење и заедничко креирање на регион кој ќе биде пример за Европа – заклучи министерката Божиновска.

Балканскиот Енергетски Самит годинава обединува над 40 говорници, меѓу кои министри, регулатори и водечки енергетски компании, и се наметнува како клучна платформа за отворање на нови стратешки партнерства и инвестиции во енергетскиот сектор на Балканот.

ИЗДВОЕНИ