БОЖИКНО ПОСЛАНИЕ НА Г.Г. СТЕФАН: Да се почитуваме меѓусебно за изградување на единство во Црквата Христова

16
Животот во Бога, пак, и осознавањето на вистината, дека бивајќи Божји чеда, меѓусебно сме браќа и сестри, нѐ вдахновува со љубов кон другите, со взаемна грижа и со радост за сечие преуспевање, се потенцира во обраќањето.

 

Го празнуваме Рождеството на Синот Божји. Но од секого од нас зависи дали Тој ќе се роди и во нас, дали ќе се всели во нашите срца и души, дали ќе живееме со радоста од спасоносниот настан во Витлеем и со одговорноста којашто Христовото рождество ја носи со себе, порача во Божикното послание Поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Во честитката до свештенството, монаштвото и сите чеда на Црквата, заедно со Светиот Синод, тој потенцира дека ноплотувањето на Бога, во личноста на Господ Исус Христос, е настан со значење за сиот свет и за сите времиња.

-Преку тоа собитие, целото создание се преобразува, а на човештвото му се овозможува учество во божествениот живот и му се дава слобода преку победата над гревот и над смртта. А еден од даровите на тој спасоносен настан е потврдувањето на вистината дека секоја личност е посебна и неповторлива, обдарена со посебни дарови и таланти. Христијанството ја возвестува вистината дека секоја личност има непроценлива вредност пред Бога, Кој толку го возљуби човекот и светот , што самиот Себеси Се понижи до таа мера да се роди во пештера, да прими лик на слуга, па дури и да биде распнат на Крст – за сите и за сè, се наведува во Посланието.

Архиепископот Стефан додава дека веста за доаѓањето на Месијата, пастирите и мудреците ја примиле со радост и љубов, а царот Ирод, пак, ја примил со завист и љубомора.

-И како што радоста и љубовта нѐ прават вистински Христови следбеници, така зависта и љубомората се моќни чувства кои можат целосно да нѐ уништат, правејќи нѐ робови на омразата и на стравот. Токму така се чувствувал и Ирод кога од мудреците, коишто ја следеле чудесната ѕвезда, разбрал за раѓањето на пророкуваниот и очекуван Месија. Евангелието ни сведочи дека тој се вознемирил, плашејќи се да не го загуби својот престол. На сличен начин, како ова Иродово однесување, и ние честопати претпоставуваме дека квалитетите и успесите на другите луѓе ги засенуваат нашите, па почнуваме да ги гледаме нив како закана. Животот во Бога, пак, и осознавањето на вистината, дека бивајќи Божји чеда, меѓусебно сме браќа и сестри, нѐ вдахновува со љубов кон другите, со взаемна грижа и со радост за сечие преуспевање, се потенцира во обраќањето.

Се додава дека сите ние како личности, како Црква и како народ, да бидеме благодарни за сите наши дарби, бивајќи свесни дека сè што имаме е од Него, од Господа.

-Да се почитуваме меѓусебно, со даровите коишто Светиот Дух штедро ги излева врз секого, за изградување на единство во Црквата Христова. Милостивиот Бог, преку Неговата љубов и Неговата благодат, може да ги преобрази нашите стравови и несовршености во љубов и усоврушување во радоста на Светиот Дух. Оттаму Христовата жртва, започната со Неговото рождество по тело, и завршена со Неговото страдање на Голгота, ни укажува дека секој човек е достоен за љубов. Празнувањето на Божик нè поставува пред изборот како ќе одговориме пред Христа Богомладенецот: дали ќе го следиме примерот на исплашениот Ирод, што води во погибел; или оној на смирените и искрени мудреци и пастири, кои со радост Му се поклонија на новородениот Цар? Па, нас ништо не нè принудува да наликуваме на Ирода! Напротив, бивајќи крстени во името Христово, можеме да ја следиме ѕвездата на нашата совест којашто нè води до Христа, та Нему да Му ги принесуваме нашите лични дарови и таланти. Правејќи го ова, се ослободуваме од духовната поробеност, со што ни се покажува друг пат, патот на Евангелието, патот на вистинската слобода во радосната заедница на Неговото вечно Царство. Со овие пораки ви го честитаме празникот на Христовото рождество на сите чеда на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како во Татковината, така и насекаде по светот, поздравувајќи ве со радосниот поздрав: ХРИСТОС  СЕ  РОДИ! Честито и од Бога благословено новото 2025-то лето Господово!, порача г.г. Стефан.

ИЗДВОЕНИ