БОЖИКНО ИНТЕРВЈУ СО ВИКАРНИОТ ЕПИСКОП ЈАКОВ: Православната црква минува низ сериозна криза на единството, не ни е потребно заземање страни

1767
Православната црква, во својата долга историја, има практика на решавање проблеми и поделби од секаков вид, практика што произлегува од традицијата. Во исто време, важно е да се напомене дека во овој конкретен историски момент, Православната црква минува низ сериозна криза на единството, а, преку тоа, и на поредокот што резултираше со рушење на многу принципи од сите страни. Последно нешто што ни е потребно е заземање страни при очигледните поделби, вели викарниот епископ Јаков во божиќното интервју за весникот ВЕЧЕР. Во врска со томосот што го добивме од СПЦ, вели дека тој по својата содржина ги препознава и ги признава сите стремежи на македонскиот православен народ за обновување на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, но, дека документот нè упатува кон соборно решение, т.е. прифаќање и препознавање од сите други помесни цркви. Со епископот разговаравме на актуелни теми врзани за Црквата, но и за традициите и фолклорот кои се дел од божикните празнувања.

 

Елизабета АРСОСКА

Ваше преосвештенство, во предвечерието на големиот христијански празник Божик, денот кога сите ќе ја споделиме радосната вест за раѓањето на Спасителот Господ Исус Христос, да се потсетиме на песната на ангелите, кои од небеската бесконечност пеат: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2, 14). Дали современиот христијанин, кој е сведок на ужасните војни и меѓу православните народи, сфаќа која е пораката од овој на изглед едноставен, но многу содржаен стих?

Навистина поставивте клучно прашање, чиј одговор христијаните, низ сите епохи, многу добро го знаеле и секако дека го знаат и современите автентични христијани. Автентичен христијанин е оној што се поистоветува единствено со Христос и со ништо друго, знаејќи дека без Него и надвор од Него не постои вистински мир. Автентичниот христијанин не верува, туку знае дека подобар свет во кој нема место за Христос едноставно е невозможен.

А, кој е односот на светот кон Христос низ човековата историја? Уште од првите мигови кога дојде на овој свет, Тој беше отфрлен бидејќи не се најде место за Него во витлеемските домови и гостилници (Лука 2, 7), моќниците на овој свет во ликот на Ирод го гонат за да го убијат (Матеј 2, 13-16), иако никаков грев не стори и лага не се најде во устата Негова (1. Петар 2, 22), овој свет ги амнестира разбојништвото и гревот наспроти праведноста, безгрешноста и безусловната љубов Божја, која ја гледаме токму во овие денови, како го симнува семоќниот Бог од висините на Неговата слава во темнината на овој свет да се роди како мало дете, како еден од нас. Затоа Спасителот и ја прави таа квалитативна дистинкција меѓу христијаните и светот кога вели: „Вие не сте од светот, туку јас ве избрав од светот. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето…“ (Јован 15, 9). Односот на светот што го прогонува Христос кон христијаните и христијанските вредности, кон Црквата, која, според зборовите на свети Јустин Ќелиски, е Самиот Христос продолжен низ вековите, е очигледен и за современиот христијанин. Вистинските причини за братоубиствените војни меѓу христијаните се токму од таа природа во поистоветувањето со стихиите на овој свет: држави, нации, граници наместо со Христос и царството небесно.

Современите христијани се сведоци на овој, сега-засега, пасивен прогон на христијанството по многу основи. Накратко, овој свет останува во војна оти го уби мирот, не го сака личносниот мир и по својата определба останува антихристијански, но Христос се роди и влезе еднаш засекогаш во времето и историјата, носејќи со Себе и во Себе можност за подобар свет и давајќи му го својот мир на светот. По тој момент, веќе ништо не е исто и не може веќе како што било…

Го носите името на свети апостол Јаков, сведок на словото на вистината и на чудата на Исус Христос, сведок на Неговите страдање, воскресение и вознесение. Лекувал секаква мака и болест со името на Господа. Имате ли моќ и сила за враќање на  моралните вредности и правила на општеството? Колку се нарушени, искривени, девалвирани… тие морални вредности и правила?

Светиот апостол Јаков, брат Божји, чие име го носам, е навистина чудесен лик меѓу апостолите и епископите и прв епископ на Црквата, но она што е најважно е, како што рековте, дека тој бил автентичен сведок Христов, на Неговите страдање и воскресение. Да се има за небесен покровител светител каков што е свети Јаков и да се носи неговото име, е исклучителен дар Божји како што е и епископскиот чин, кој со ништо не сум го заслужил.

Најпрво би се осврнал на второто прашање, зашто сметам дека одговорот за сите нас е јасен и очигледен од перспектива на сето она што го гледаме не само во нашето потесно и пошироко опкружување туку и во нас самите. Во која мера потона современото општество во декаденција, опишуваат пророчките зборови на свети апостол Павле упатени до Тимотеј кога вели дека „ќе настанат тешки времиња, зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непослушни кон родителите, неблагодарни, неправедни, безбожни, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољубиви отколку богољубиви, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле…“ (2. Тимотеј 3, 1-5). Во која мера го карактеризираат овие стихови современиот човек, секој нека процени сам, бидејќи христијанските подвиг и стремеж, пред сè, се насочени кон менување на самиот себеси, кон преобразување и охристовување на внатрешниот човек, што, од друга страна, е невозможна мисија без личносен однос со Бога, пред сè, во литургискиот живот на Црквата. Доколку се потпира човек само на своите сили од типот на сè попопуларните life coaching курсеви, затворен во својот егоизам, останува без Божјата благодат и станува подобра верзија на себеси, единствено во сопствените очи, себедоволен и  крајно неспособен за заедница.

Да се вратиме сега на првото прашање. Јас, како најмал од епископите на нашата помесна Црква, немам власт и сила да вратам нешто од што општеството доброволно се одрекло, особено не доколку е последица на слободниот избор на личноста. Едноставно, тоа е спротивно на духот на љубовта. Јас, како монах, па и како епископ, немам ништо друго што би можел да му понудам и дадам на овој свет, освен Црквата, освен Христос. Тој е моето мерило за сите вредности, за сè што е добро, убаво, свето и чисто. Богочовекот Христос и заедницата со Него во Црквата Негова е сигурниот излез од секоја криза и сигурна гаранција за опстанок на нашето и на секое друго општество.

По упокојувањето на митрополитот Тимотеј, Дебарско-кичевската и Австралиско-сиднејската епархија со кои раководеше треба да се пополнат. Весникот ВЕЧЕР веќе објави дека викарните епископи секогаш се најблиску до митрополитските тронови, а меѓу имињата се споменува и Вашето, во Струмичката епархија, во случај владиката Наум да ја преземе Австралиско-сиднејската епархија. Треба ли да продолжи таа традиција, се гледате ли на епархискиот трон?

Блаженоупокоениот митрополит Тимотеј беше еден од најистакнатите архијереи на МПЦ-ОА, кој се вгради себеси во поновата историја на нашата Црква, живеејќи во исклучително драматичен и, по многу нешта, деликатен период, во општествен, политички и меѓуцрковен контекст, кој, секако, даде особен придонес и, несомнено, остави неизбришлива трага, пред сè, во епархијата што ја возглавуваше.

Во однос на објавите, пишувањата и претпоставките од повеќе медиуми, каде што се споменуваа повеќе имиња, меѓу кои и моето, важно е да се напомене дека Црквата е жив организам, собор од конкретни личности светотаински, соединети во телото Христово и токму поради тоа, каков било институционален пристап, согласно со концептите на овоземните организации, честопати може да биде болен, погрешен и штетен за Црквата. Токму поради тоа, соборот на архијереи, на чело со Неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, никогаш не избира нови епископи согласно со стари или, пак, нови практики и традиции, ниту, пак, робува на некакви модели, туку секогаш се води од пастирската грижа и одговорност за народот Божји, за кој умре Христос. Се молам и верувам дека ќе биде така и овој пат, кога Соборот на архијереи ќе одлучува за испразнетите епархии, оти Црквата се пројавува и гради во заедница, а не во лични планови и амбиции на поединци, па макар и наликувало дека тие се грижат за Црквата.

Што се однесува до тоа каде се гледам себеси, би можел поточно да Ви одговорам доколку ме прашате каде не би сакал да се видам себеси, а тоа е надвор од Црквата. Да се биде надвор од Црквата, значи да се живее надвор од Божјите волја и промисла, што е најголема трагедија за човекот.

Сè додека сум во Црквата, јас сум реализиран човек на кое место и да ѝ служам, бидејќи сум органски дел од богочовечкиот организам на Црквата, преку кој живеам во секоја смисла. Оној кој има барем елементарен опит во тајната на послушанието и кој бил ученик и послушник доволно време пред да стане старец, тој има исцелен ум и каде и да го однесе Божјата промисла, во пустина, на крст или, пак, на епископскиот трон, тој се радува, бидејќи знае дека ја исполнил волјата на својот Господ. Во спротивно, животот поминува во огорченост, непријателства, кавги, интриги и, да не даде Бог, и отпаѓање од Црквата. Затоа, како и каде се гледам себеси, навистина критериум ми е заедницата, т.е. Црквата и, пред сè, Архијерејскиот собор, а не мојата претстава за себеси.

Имате голем број духовни чеда, проповедате христијански начин на живеење и јавно се спротивставивте на законите за родова еднаквост и за матична евиденција, за што МПЦ-ОА организираше и сенароден собир. Беше ли тоа мешање на Црквата во политиката?

Добро велите кога ги поистоветувате христијанскиот начин на живот и семејството како заедница, која е основна клетка на општеството, бидејќи тоа е и менталитетот на Црквата. Токму поради тоа, такви беа моите реакција и критика на тој глобален идеолошки концепт, кој го окарактеризирав како концентрационен логор за слободната мисла, разорувачки за семејството, тоталитарен во однос на демократските општествени принципи, со еден збор – дехуманизирачки. За волја на вистината, тоа не беа само мои реакција и отпор, туку, пред сè, на Црквата, која беше категорична во однос на овие закони, а особено во однос на предлог-законот за родова еднаквост, затоа што експлицитно и нескриено, со разни „правни“ механизми за санкционирање и цензура, ги рушеа сите принципи на кои постои заедницата, преферирајќи некакви индивидуални идентитети, рушејќи го и нихилирајќи го културолошкиот, национален и верски идентитет на заедницата, семејството, општеството, но и на самата Црква, која ги проникнува или, подобро кажано, ги содржи сите овие аспекти и облици на постоење.

Важно е да се напомене дека пред каква било идеја за организираниот сенароден собир, Црквата, заедно со другите верски заедници, испрати соопштение до сите релевантни државни институции, повикувајќи на дијалог, но, за жал, наиде единствено на еден игнорантски и крајно деградирачки однос. Тоа е воедно, во контекст на прашањето, крајно погрешно, злонамерно и сосема свесно разбирање и толкување на секуларноста од многумина, што, по нив, значи да се исклучи Црквата од каков било општествен дијалог, правото на мислење и јавно искажан став да се ограничи во рамките на храмовите и на црковните згради. Сведоци сме дека во нашето општество веќе имаме такви неомарксистички политички платформи, пропагирани и од политички партии. Од друга страна, секуларноста, според Уставот на Македонија, значи одвоеност на верските заедници од државата, каде што сите религии се рамноправни и граѓаните имаат право слободно да ја практикуваат или да не ја практикуваат верата.

Мое лично мислење за третманот што треба да го има концептот на т.н. родова еднаквост, пред сè, од политички и институционален карактер, е еднаш засекогаш да се демистифицира концептот за „родова еднаквост“, како и поимот „род“, отворено да се каже, но и да се докаже (а тоа нема да е тешко, особено не сега, по сите истражувања и судски процеси што следуваат во САД, а и во други европски земји) дека станува збор за своевиден параван за спроведување неолиберална фашизоидна идеологија на сметка на правата на жените, родителските права, правата на децата, на сметка на научните факти и на крајот, на сметка на слободните мисла и говор.

Сексуалното образование во училиштата треба да е предмет на дискусија во која е пресудно учеството на родителите, на широк општествен консензус за начинот, формата и за методиката при воведување на истото во наставните програми. Секако, потребно е исфрлање на секаква идеологија од образовниот процес, како и наполно ограничување на влијанието на родовите актери, а во нашиот случај, тоа се истите дебело платени невладини организации, кои се инфилтрирани во училиштата и во државните институции. На крајот, прашањето што треба да си го поставиме сите е што бара сексуалноста меѓу децата во основното образование!

Имавте и претставка до Антидискриминациската комисија поради „јавно изразени мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата кон ЛГБТИ-заедницата“. Како заврши спорот?

КСЗД е токму таков пример на окупирано или, подобро кажано, предадено државно тело од претходната владејачка гарнитура, во заложништво на невладините организации, на истите структури што се протагонисти на родовата идеологија во нашето општество. Секоја чест на исклучоците, ако воопшто ги има! Нивните хипокризија и пристрасност се проверени и видени многупати како кога добиваат претставки за дискриминација на Црквата од страна на родовите актери, кои им се другари и во тој случај се прогласуваат за ненадлежни. Јавните настапи на членовите на таа Комисија се во насока на поддршка и афирмација на ставовите на организациите со кои се капитално поврзани со години наназад, уште пред да бидат избрани во Комисијата. Кој ќе утврди дали има тука конфликт на интереси?!

Во однос на претставката до мене, како и мислењето и препораката на Комисијата да ѝ се извинам на ЛГБТИ+ заедницата, што имав да кажам, го кажав јавно, во писмена реакција и ќе повторам и сега дека не сум понижил и деградирал никого и не ми паѓа на ум да се самоцензурирам ниту себеси ниту проповедта на Црквата. Напротив, сметам дека оваа родово „сензибилизирана“ и индоктринирана гарнитура, која ја има запоседнато Комисијата, заедно со организациите од кои доаѓаат, треба да им се извинат на ЛГБ-луѓето, кои ги жртвуваа на окултниот „олтар“ на трансџендеризмот, да бидат поистоветени со ова монструозно лудило на уништување на детски животи и цели семејства и со рушење на здраворазумната научна мисла дека маж не може да стане жена и обратно. Во однос на постапките што требаше да ги поведат тие пред надлежен суд за прекршоци, тоа е во нивна надлежност и ќе треба да ги прашате нив. Сепак, мора и да ги разбереме, не е лесно да браните конструиран случај со сериозни пропусти во постапката пред надлежен суд.

Во врска со томосот за автокефалност добиен од Српската православна црква пред две години, во Синодот постои разногласие. Една група владици смета дека е доволен, други – дека е најважен оној добиен од Вселенската патријаршија. Каков е вашиот став, кој томос е клучен?

Хронолошки гледано, најпрво Неговата светост, вселенскиот патријарх, г. Вартоломеј, ја прими нашата Црква во евхаристиска заедница, што навистина е значаен и огромен чекор кон конечно решавање на нашиот црковен статус. Во однос на сè што се случи со СПЦ, важно е да напоменеме дека низ изминативе децении, ние бевме упатувани од сите помесни цркви, вклучително и од Вселенската патријаршија, да го решаваме нашето црковно прашање со СПЦ.

Дали го постигнавме тоа? Неговата светост, патријархот српски, г. Порфириј, и Соборот на СПЦ ни дадоа сè што можеа да ни дадат и ние добивме сè што може да се добие. Документот што го добивме по својата содржина ги препознава и признава сите стремежи на македонскиот православен народ за обновување на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, но, исто така, и нè упатува кон соборно решение, т.е. прифаќање и препознавање од сите други помесни цркви. Согласно со соборниот карактер на Црквата, „доволно е“ кога е решението соборно и сеправославно и кога никој не е исклучен и „непотребен“. Ако е решението православно, тогаш е љубовно и безусловно! Сè друго се обличја и сенки на кнезот на овој свет (Јован 12, 31).

Православната црква, во својата долга историја, има практика на решавање проблеми и поделби од секаков вид, практика што произлегува од традицијата. Во исто време, важно е да се напомене дека во овој конкретен историски момент, Православната црква минува низ сериозна криза на единството, а, преку тоа, и на поредокот што резултираше со рушење на многу принципи од сите страни. Последно нешто што ни е потребно е заземање страни при очигледните поделби. Напротив, треба да застанеме смерно, да стоиме добро, чувајќи ги единството и соборноста на Црквата, која живее во свет на поделби, конфликти и на војни, гледајќи како се „крева народ против народ и царство против Царство“ (Матеј 24, 7).

Православната црква е солта на овој свет, неговата надеж и нејзината сила е во соборноста и во единството, во верата и во љубовта кон Богочовекот Христос и на едни кон други. Нашиот Господ вели: „По што ќе ве познае светот дека сте мои ученици ако немате љубов помеѓу себе?“ (Јован 13, 35). Ако солта ја изгуби силата согласно со Евангелието, знаеме какви се последиците. Бог да нè сочува сите во Црквата своја собрани и во единство до крајот на вековите!

Која е Вашата божикна порака до верниот народ?

Христос, Кој се раѓа како дете во витлеемската пештера, е предвечниот Бог кој заради нас и наше спасение, осиромаши, поистоветувајќи се со нашата природа, доаѓајќи кај нас заради тоа што нам не ни беше возможно да Му пристапиме. Иако семоќен, смирено лежи во јасли, повиен во пелени меѓу бесловесни животни. Овој божествен кенозис се случува заради нас и наше спасение. Затоа мојата порака е да не го празнуваме Божик без Христос, налик на погореопишаните „празнувања“ без учество во светотаинскиот живот на Црквата и причест со Него. Тој е нашиот празник, храната наша и празнување наше, кое нема да има крај.

Мир Божји, Христос се роди!

Во општата, улична атмосфера на Бадник нема ништо христијанско

Последниве години, голем број свештеници ги критикуваа палењето на коледарските огнови, коледарските песни, ставањето паричка во бадниковото лепче… Што мислите Вие, треба ли да се избришат старите македонски традиции, обичаи и фолклор, кои нè одржале со векови, тукутака или треба да се направи некоја промена во начинот на практикувањето?

Црквата секогаш, во својата икономија (снисходење при грижата за човековото спасение), пред сè, се обидува да пронајде или, еве, да им даде христијански карактер, да христијанизира некои човечки појави и обичаи, и честопати успевала во тоа. Во општата, така да речам, улична атмосфера на Бадник не можете да најдете ништо христијанско, и одговорно го тврдам тоа, бидејќи Богочовекот Христос е единствениот непроменлив критериум за да препознае Црквата нешто како свое.

Сè што негува Црквата како форма или преданиски израз, го покажува Него или, пак, нè води кон Него. Кажете ми како би ги христијанизирале јадењето месо и неограничените количества алкохол во пост, при татнење на шунд музика, која опева и воспева сè, само не витлеемскиот Богомладенец?! Дали значи тоа дека критикувањето на тие појави е ограничување на слободата секој да празнува како што сака? Јас лично немам никаков проблем секој да празнува како што сака, но сериозно ми пречи да се поврзува тој начин на празнување со христијанството. Аргументите на апологетите на тој обичај дека е стар и древен – немам намера да ги оспорувам. Сите знаеме дека паганството е постаро од христијанството, исто како што знаеме сите дека единствено во Црквата Христова се гради и негува христијанскиот идентитет, а речиси никој од тие луѓе околу огновите нема да го видиме утредента на света литургија, каде што се среќаваме со Живиот Бог, кој заради нас стана човек, раѓајќи се како дете.

Аналогно на сè што рековме, се разбира дека за Црквата има прифатлива форма на овие народни празнувања, а тоа е само доколку во средиштето на сè што се случува биде Христос. Тогаш сè станува христоцентрично: храната ќе биде посна, стиховите на песните ќе го воспеваат Воплотениот Бог роден како мало дете во Витлеем, налик на пастирите околу витлеемските огнови и тогаш не е никаков проблем ниту чашка ракија. Но, во тој случај, сè би завршило со причестување, соединување со Христос во светата литургија. Тоа се параметрите по кои мери Црквата дали е некој обичај христијански или не, дали нè води кон Христос или, пак, нè одвојува од Него. Обичаите, традициите што не нè водат кон Богочовекот Христос, не само што не се христијански туку се и антицрковни и антихристијански.

ИЗДВОЕНИ