„Во романот ’Божик под Беласица’ , за разлика од претходниот ‘Два Божика’, се следат две наративни оски во два различни временски периода, едниот е Првата светска војна на тлото на Македонија, односно под Беласица, а втората е денешното време, кога тргнува една девојка по своите корени. Ова не е само божикна туку и животна приказна, потрага по сопствениот идентитет, по своите корени“, вели Лилјана Пандева, авторката на романот „Божик под Беласица“, кој беше промовиран неодамна, пред македонските читатели
„Божик под Беласица“, во издание на „ПНВ Публикации“, е најновиот, петти по ред роман на авторката Лилјана Пандева. По големиот успех на „Два Божика“, кој доживеа три изданија, од кои првото се распродаде за рекордни шест дена, во романот „Божик под Беласица“, низ две наративни оски, од Банско, Струмица, преку Шкотска, до Њујорк и од Њујорк, преку Истанбул, до Банско, Струмица, во два различни историски периода, Пандева нè внесува во магијата на божикните празници.
Во денешницата, од 25 декември до 7 јануари, животот на Катарина Вотерман се менува за 360 степени во потрагата по корените и неочекуваното наследство од прапрадедо ѝ, Џорџ Вотерман, таа пронаоѓа богата природа, лековити води, топол дом и, секако, љубов. Повеќе од сто години пред неа, Ѓеорѓе Водарот го изодува обратниот пат, од сиромашниот осамен живот под падините на Беласица кон градот на соништата и можностите – Њујорк. И сето тоа зачинето со љубов, хуманост и со малку магија од божикната паричка.
Причината поради која започнала да го пишува романот, како што ни откри, се Божик, магијата и приказната што ја носи овој празник со себе, независно дали го славиме на 25 декември или на 7 јануари.
„Во романот ’Божик под Беласица’, за разлика од претходниот ‘Два Божика’, се следат две наративни оски во два различни временски периода, едниот е Првата светска војна на тлото на Македонија, односно под Беласица, а втората е денешното време, кога тргнува една девојка по своите корени. Ова не е само божикна приказна туку и животна приказна, потрага по сопствениот идентитет, по своите корени“, вели Лилјана Пандева, авторката на романот „Божик под Беласица“, кој беше промовиран неодамна, пред македонските читатели. Таа додава дека и секој втор внесува во своето дело нешто свое, автобиографско.
„Тука нема лична приказна, но тоа е нешто што го слушав и го гледав и што сѐ уште се практикува во моето семејство. Обичаите за Божик и за божикните празници сега ги преточив во приказната. Она што е автобиографско е делот кога пишувам за хуманоста на луѓето за божикните празници, особено за оние што им помагаат на штитениците од Центарот за рехабилитација во Банско, Струмица. Тоа е една болна приказна, која ја ставив во литературата. Секако, Беласица, или како што го викаат Подгорието, ми е на срце, бидејќи потекло ми е оттаму. И, најверојатно, сум од оние што не си ги забораваат корените“, додава Пандева.
Инаку, пораката на самиот роман, како што вели, е дека луѓето треба да бидат хумани и тоа во текот на целата година, а не само за божикните и за новогодишните празници.
„Хуманоста се гледа и во самата приказна, кога семејството на главниот машки лик во романот ја открива вистината за наследството на девојката, која е и главен женски лик. Поточно, тие, и покрај тоа што го користеле нејзиното наследство со години, одлучуваат да ѝ го вратат, што е голема реткост во денешно време. Тука е и љубовната приказна на двата лика, едниот е струмичанец, другиот е девојката што тргнува од Њујорк по сопствените корени, кои ќе ги најде во Банско под Беласица“, посочува авторката.
Божикната приказна, како што вели Пандева, во овој роман се врти и околу паричката, симболот на нашиот православен Божик, и нејзината големина, иако е малечка кога се става во лепче… Но, целата приказна, која, сигурно, ќе ве заинтригира и ќе ве натера да ја прочитате, ќе ја откриете самите читајќи го романот.
Лилјана Пандева (1964) е дипломиран професор по македонска и јужнословенски книжевности и македонски јазик. Доктор е на филолошки науки. Авторка е на повеќе дела, меѓу кои: „Новогодишни едночинки“, драмолети за деца во стих, поетската збирка „Љубов од А до Ш и обратно“, на збирките раскази „Возовите на Луцерн“, „Канцелариски колумни“, „Класифицирано“, „Заорани“, „Луѓенца“, „Хранителки“, на романите „Од агендата на Калина Калин“, „Дневници на една љубов“, „Два Божика“, „Доилката“, добитник на наградата „Стале Попов“ на ДПМ, на поемата „Капетаните“ за која ја доби наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема, добитничка е на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2021 година, во областа на културата, за придонес во македонската современа книжевност и, како лектор по македонски јазик, како и на повеќе награди за краток расказ.
Авторка е и на поголем број научни трудови од областа на македонистиката и на книжевната критика. Нејзините дела се преведени на повеќе странски јазици. (Д.Т.)