Британските медиуми денеска објавија дека поранешниот премиер Борис Џонсон би можел да му се врати на новинарството по долги години политика.

Џонсон наводно изразил интерес за предлогот на менаџментот на медиумската групација во чија сопственост е весникот „Телеграф“ да ја преземе функцијата главен уредник на весниците „Телеграф“ и „Спектатор“, пишува лондонски „Гардијан“.

Иако сè уште нема договор или формални преговори, поранешниот конзервативен премиер на Обединетото Кралство, наводно, се консултирал со својот поранешен министер за финансии, Надим Захави, кој имал прелиминарни, неформални разговори со менаџментот на медиумската компанија, сугерирајќи Џонсон да стане главен уредник на Телеграф, ако понудата биде прифатена и од другата страна.

Џонсон моментално пишува колумна за Дејли Меил, иако има долги врски со Телеграф, каде што ја започна својата кариера како истакнат новинар од Брисел пишувајќи критики за правилата на ЕУ, пред да се врати во Велика Британија за да стане политички колумнист и конечно да влезе во политиката.