Боре каратистот негира се што призна Велибор: Ме натераа да ја потпишам изјавата!

Пресврт на судскиот процес за грозоморното убиство на Вања и Панче

337

Пресврт на денешното судење за двојното убиство на Вања и Панче кога Боре Видевски негира вина и се она што претходно го тврдеше неговиот компањон Велибор Манев, дека двајцата откако ги собориле жртвите ги завиткале и ставиле во ѓепек. Пиштолот со кој убивал првообвинетиот Љупчо Палевски бил црн, а денеска изостана прашањето од судијата за Манев која е НН личноста која го уништила заедно со радио станиците. Обвинителството е убедено дека случајот е докажан и без овој доказ.

До пресврт дојде на судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски кога од местото за сведоци, обвинетиот Боре Видевски го смени исказот даден за време на истрагата во Јавното обвинителство и негираше вина пред судијата, тврди дека не учествувал во киднапирањето и убиствата.

На обвинетиот Видевски, кој во досегашниот судски процес молчи и не дофрла додека трае судењето, денеска јавноста за прв пат му го слушна гласот. Одговараше од местото за сведоците на прашања на неговиот бранител. Почна со зборовите дека со неговата одбрана ќе започне хронолошки. Во партијата се приклучил по убедување на неговиот  пријател од младоста Велибор Манев. Интензивно почнал да оди на партиски состаноци, кога првообвинетиот  Љупчо Палевски ја споделил информацијата дека ќе се менува името на Македонската православна црква Охридска Архиепископија, односно дека ќе се додава придавката Северна. На тие состаноци, меѓу кои како што тврди Боре и средбата меѓу обвинетите која се гледа на снимките од камерите пред куќата на Велибор Манев, имало за цел да се договараат литии, односно митинзи за зачувување на името на МПЦ.

На прашањето од неговиот адвокат, каде бил и што правел за време на убиството на Жежовски, Видевски одговори

-На 21-11-2023  бев на работа. Вечерта имав слава Св. Архангел Михаил. На 22 и на 23 ноември исто така бев на работа како и на 24.11.2023 година. Обвинетиот Видевски продолжи дека на 26 ноември, ден пред да биде грабната и убиена Вања, бил во Скопје и си заминал вечерта дома. Тврди дека не го грабнал девојчето, на 27-11-2023 рече дека спиел и станал во 10 часот. На 03-12-2023 додека бил на пазар му се јавиле да дојде дома бидејќи го чекаат полицајци, подоцна го однеле во станица во Скопје, каде како што тврди му било изнудено признание под силна полициска тортура.

-Од почетокот им велев дека не знам ништо бидејќи и незнаев, ме удираа во ѕид ме влечеа по ходникот, беа тројца, ми зборуваа де за едниот случај де за другиот и ми викаа зборувај, не ме удираа по главата туку по трансплантираниот бубрег, тврдеше Видевски во судницата.

-Ме прашуваа зошто сум ги направил киднапирањата, убиствата. Ми покажуваа слики од нивните мобилни телефони, имаше една и од убиеното девојче. Но и една слика од лев дел на шофершајбна и странично десно стакло на вратата. Имаше човек, рака, дел од рамо и тегет адидас тренерка. Удираа и велеа еве си ти на сликата. На крајот го постигнаа тоа што го сакаа. Добија изјава во која јас сум виновен, ја направија изјавата и ме натераа да потпишам”, изјави Боре викан каратистот и додаде дека не го познава таткото на девојчето Александар Ѓорчевски но оти го кажал спротивното под притисок на огромен страв.

-Ќе те убијам ако не кажеш, му се заканил инспектор во станица пред да замине кај Јавниот обвинител. Видевски тврди дека бил тепан четири пати, ќотекот сопрел по медицинскиот наод од повредите, но психичка тортура и закани кон семејството тврди дека преживува во притворот и денес.

На претходните судења, неговиот компањон Велибор Манев пак тврдеше дека Боре учествувал во грабнувањето на Вања така што ја фатил за устата кога излегла од лифтот, ѝ рекол да не вика оти инаку ќе пука. Откако ја турнале под скалите двајцата  ја врзале и ја ставиле во вреќа за спиење, ја изнеле од зградата и ја ставиле во гепекот од „цитроенот“ на Панче. На булеварот Партизански одреди Боре со чекан го искршил телефонот на Вања, а негови траги се пронајдени во рено кангуто.

Судењето започна со прашања на судијата Ивица Стефановски за второобвинетиот Велибор Манев кој објасни како НН лице го уништил клучниот доказ, пиштолот со кој Љупчо Палевски ги убил жртвите.

– На 30-11 ми се јави Палевски на пат за Турција и ми рече да му се јавам на лицето и да му кажам да го исфрли односно уништи синиот ранец во кој беа трите мотороли и пиштолот. Лично не го видов човекот, тој од претходно го земал ранецот од партија, јас само ја пренесов наредбата на Палевски, објасни Манев кој го крие идентитетот на личноста која уништила доказ и со тоа сторила кривично дело.

Надлежните обвинителки велат дека тие имаат теорија и ја докажуваат и без пиштолот како доказ, а за околноста дека Манев не го открива лицето кое го уништил пиштолот и моторолите велат дека тоа е негова одлука. Изостана прашањето од страна на судијата Ивица Стефановски до Манев за кој човек станува збор. На претходното рочиште Велибор рече дека не сака да го открие бидејќи бил семеен човек и воопшто не соделувал со групата во сторување на кривичните дела. Манев рече дека пиштолот бил црн.

-Да видев дека Палевски носи пиштол немаше да бидам тука, рече Манев кој откри дека за Вања Палевски ветувал откуп за секој од нив по 20.000 евра. На прашања на судијата, Манев објасни дека земуницата каде требало да го чуваат Панче додека не ја донесат жената, ја копал заедно со обвинетиот Влатко Кешишев во 2022 година, а ја одобрил Палевски по направениот увид. Дел од парите кои планирале да ги изнудат за откуп биле планирани и за развој на партијата Десна. Палевски ги набавил радио станиците преку интернет, ја одредил трасата на движење и по пат им велел дека „се е чисто“ нема камери, нема полиција. На нив носеле медицински маски, капи и ракавици, а пред жртвите не разговарале.

-Премногу бевме блиски со Палевски, пред случувањата ми кажа дека ќе бара лекарска помош за кичмата во Турција, го сподели Велибор „планот“на првообвинетиот кој пак два пати беше опоменуван од судијата заради неговите дофрлувања и гестикулации кон Манев. Четворицата членови на Десна се обвинети за свирепо убиство и им се заканува доживотен затвор. (П.А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ