Разузнавачките служби открија нова терористичка ќелија во Македонија која била наклонета кон идеалите на озогласената ИСИС која повоено делува на територијата на Сирија и Ирак. Полицијата приведе четворица мажи кои се организирале на социјалната мрежа Телеграм, имале планови да напаѓаат јавни објекти во државата. Акцијата е продолжение на операцијата за сузбивање терористичка ќелија која започна пред нова година кога уапсени беа исто четворица млади мажи кои имале за цел да ја дестабилизираат земјата преку инциденти. Во домовите на екстремистите, во Гостивар и Скопје, пронајдени биле автоматска пушка, пиштол, материјал за индоктринација, мобилни телефони, компијутери кои треба да се вештачат заради откривање на плановите на групата. Полицијата им поднесе кривична пријава за делото терористичка организација, а откриен е и лидерот на ќелијата кој ја создал и насочувал во своите терористички цели.
-Намерата на членовите на терористичката ќелија била извршување на терористички акт на цивилни или така наречени меки цели односно јавни објекти на територија на Република Северна Македонија со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните. Ќелијата делувала од позиција на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС, стои во соопштението на МВР
Лидерот на македонската ќелија на ИСИС формирал повеќе групи на руската платформа Телеграм каде привлекувал нови следбеници преку споделување на преведен пропаганден материјал. Како групите регрутирале членови така растеле и намерите за реализирање на целите, организаторот се обидел да набави оружје, а се научил да изработува и експлозиви со кои имал намера да изврши терористички чин. На групите на Телеграм биле споделувани и видеа од официјалната интернет страница на ИСИС. Секторот за компјутерски криминал треба да открие дали членовите биле во директен контакт македонски државјани кои сеуште се наоѓаат во главната база на ИСИС.
Според информациите со кои располага Националниот комитет за борба против насилниот екстремизам и тероризам се проценува дека од земјава на боиштата во Сирија и Ирак заминале 155 лица, 102-ца се вратиле,убиени се 39, а таму се смета дека се останатите четворица мажи, како странски терористички борци. Во македонските затвори има околу десетина осудени за учество во странска војска. Последно приведените осуммина за организирање на терористичка организација се во притвор во истражниот затвор. Според кривичниот законик терористичкото дејствување е опфатено во неколку кривични дела. Финасирањето на тероризам предвидува затворски казни од две до десет години.
Инаку, македонските разузнавачки служби соработуваат и разменуваат информации си европските, а откривањето на вакви екстремистички групи беше олеснето откако сопственикот на платформата Телеграм се согласи да соработува со властите заради откривање на криминални активноста на мрежата меѓу кои и тероризам. (П.А)