Одделенијата за изгореници во соодветните здравствени установи во Солун и Атина, продолжуваат да бидат во состојба на зголемена подготвеност, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, осврнувајќи на грчката помош за земјава за повредените во трагичниот пожар во Кочани.
– Здравствениот оперативен центар на Националниот центар за итна помош во рамките на оперативното планирање за управување со транспортот и лекување на повредени со изгореници, продолжува да ги одржува во состојба на зголемена подготвеност Одделенијата за изгореници во соодветните здравствени установи во Солун и Атина, рече Маринакис.
Дополнително, пренесе МИА, Маринакис потсети дека во моментов вкупно 12 повредени со изгореници се хоспитализирани во Грција, објаснувајќи детално дека шест се во Општата воена болница 401 во Атина, еден во Општата воена болница на воздухопловството во Атина, три во Општата болница во Солун „Јоргос Папаниколау“ и двајца во Општата воена болница 424 во Солун.