Болката да се сподели, но да не се злоупотреби

Различни шпекулации кружеа на социјалните медиуми во текот на денот во однос на мирниот собир што за утре го најави Независниот студентски сојуз, пред платото на УКИМ, во Скопје. По информацијата дека е откажан поради политичка вмешаност, излезе информација дека пленумот ќе се одржи како што е планирано, утре, во 13 часот, пред платото на УКИМ. Мирен собир денеска се одржа и во Охрид, каде што со 60-минутен молк се оддава почит на жртвите од катастрофалниот пожар во Кочани, а во градот на трагедијата се маршираше мирно, во молк и без транспаренти. Граѓаните со цело право го искажуваат револтот против нефункционалните институции, со мирни собири и протестни маршови, на кои со 60-минутен молк им оддаваат почит на загинатите во пожарот, како и на возачот на кочанската Брза помош, кој почина следниот ден, откако неуморно превезувал настрадани од пожарот до болниците во Скопје. Се бара правда и одговорност

1344

Седумдневната национална жалост, прогласена од Владата за трагедијата во Кочани, завршува денеска, но не се намалува тагата кај граѓаните за згаснувањето на 59-те млади животи во кочанската дискотека. Тие својот револт против нефункционалните институции го искажуваат со мирни собири и протестни маршови, на кои со 60-минутен молк им оддаваат почит на загинатите во пожарот, како и на возачот на кочанската Брза помош, кој почина следниот ден, откако неуморно превезувал настрадани од пожарот до болниците во Скопје. Додека тагата се продлабочува, гневот расте. Гневот поради системските пропусти кои дозволија ова да се случи – корупцијата, неодговорноста и алчноста кои ја жртвуваа младината и иднината. Кочани сега е симбол на тага, но и на отпор. Жителите бараат правда и одговорност. Кочанчани се организираат и според најавите секој ден ќе се одржуваат протестни маршови на кои ќе се бара одговорност за трагедијата во „Пулс“. Така беше и денеска. Но она што вчера крена прашина во јавноста беше информацијата дека поради политичка вмешаност, Независниот студентски сојуз го откажува мирниот собир што беше закажан за утре пред платото на УКИМ, што подоцна беше демантирано. Различни шпекулации кружеа на социјалните медиуми во текот на денот во однос на мирниот собир што за утре го најави Независниот студентски сојуз пред платото на УКИМ во Скопје. По информацијата дека е откажан поради политичка вмешаност, излезе информација дека пленумот ќе се одржи како што е планирано, утре, во 13 часот, пред платото на УКИМ

-Сакаме јасно да кажеме дека собирот не е откажан. Сите дезинформации што кружат се лажни и тенденциозни. Пленумот ќе се одржи, како што е планирано, понеделник, 13 часот,  пред плато на УКИМ, реагираа од Независниот студентски сојуз на УКИМ.

Претходно дел од медиумите објавија дека Независниот студентски сојуз го откажал собирот, поради политичка вмешаност.

Од иницијативата „Кој е следен?“ велат дека се мета на манипулации и лажни вести и тврдат дека немаат никаква поврзаност со ниту една политичка партија и ги осудуваат сите обиди за партизација на „Кој е следен?“.

-Денес, на лажни профили и преку пропагандни медиуми, беа објавени видеоснимки со цел да ја поврзат нашата иницијатива „Кој е следен?“ со еден онлајн разговор помеѓу група студенти и девојка од Србија. Ве известуваме дека нашата иницијатива нема никаква поврзаност со тој повик, ниту сме биле вклучени во какви било разговори за формирање на нови студентски организации. Овие обиди за оцрнување се уште еден доказ дека политичката елита се плаши од автентично граѓанско незадоволство. Наместо да одговорат на барањата за правда, одговорност и безбедност, тие се служат со провидни манипулации, лажни вести и медиумски спинови, велат од иницијативата „Кој е следен?“ и порачуваат дека притисоците од лажни профили, пропагандни медиуми, како и од полициски и параполициски структури само дополнително ја зајакнува нивната волја.

Како израз на почит и солидарност за загинатите во Кочани, мирен собир се одржа во Охрид, каде што со 60-минутен молк се оддава почит на жртвите од катастрофалниот пожар во Кочани.

Собирот во Охрид беше организиран од младинската и училишните заедници, заедно со Студенските собранија и Локалниот младински совет. Охриѓани одадоа почит на настраданите во кочанската трагедија, а Општина Охрид најави дека следните денови ќе свика седница на Советот, на која ќе одлучува за доделување финансиска помош за семејствата на починатите и за повредените лица во пожарот што се случи во „Пулс“.

-Собирот има за цел да пренесе почит и да ја истакне важноста на хуманоста, како и да се изрази сочувство за семејствата и заедницата погодени од трагичниот настан, порачаа организаторите.

Додека граѓаните се организираат, од Владата посочија дека не би сакале да се дозволи попречување од различни мрежи, преку повици за дестабилизација и сценарија и било како да наштетат на процесот на истрагата.

– Предолго, занемарувањето и системските неуспеси ги ставија животите во ризик. Морам да истакнам дека како Влада будно ја следиме состојбата. Ја споделуваме загриженоста и разочараноста кај граѓаните на нефункционирањето на системот, но во исто време ги вложуваме сите напори тоа да го промениме. Затоа во овој момент апелираме да не се шпекулира со невистини, манипулативни наративи и во ниеден случај не сакаме да се злоупотребува трагичната несреќа во Кочани. Затоа што нашата заложба се потврди со дела и акции. Има опсежна истрага во која се фатени и приведени 34 лица и таа сè уште не е завршена. Мора да дозволиме органите на прогонот да си ја завршат истрагата, темелно и правично. Не би сакале да се дозволи попречување од различни мрежи, преку повици за дестабилизација и различни сценарија и било како да наштетат на овој процес. Од ова мора сите да излеземе посилни со испорачана правда, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.

И вчера во Кочани во Паркот на Револуцијата граѓаните организираа едночасовен мирен собир во знак на почит кон загинатите и со поддршка за закрепнување на повредените. Со пораки испишани на транспаренти, тие порачаа дека бараат правда, a правосудните институции да го расчистат случајот до крај. Собирот заврши со мирен марш по улиците во централното градско подрачје на Кочани, а граѓаните порачаа дека ќе продолжат да се собираат и во наредните денови.

Во Штип, исто така, без говори и со пораката „Вие го запаливте пламенот спремете се за оган“ се собраа младите на Градскиот плоштад „Слобода“, изразувајќи го својот револт за несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Македонците кои живеат и студираат во Солун, точно напладне во саботата организира собир „Солун во молк за Кочани“. На собирот одржаа 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви и една минута молк за возачот на брзата помош кој почина откако превезе голем број повредни лица.

„Солун е со тебе Кочани“; „Нивните профити или нашите животи“; „Едни иселивте, а тие што останаа ги убивте – Кочани 16.3.2025“; „Репертоарот е со години ист, настапува корупција, а народот е публика“; „Осамна пролетно утро сончево, а сончевите зраци денес темни црнила“, беа дел од пораките на паноата на Македонците кои точно напладне се собраа на плоштадот „Аристотел“ во Солун за да им оддадат почит на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Плус“ во Кочани.

Со згаснувањето на младите животи во „Пулс“, згасна и животот во Кочани. Сега е град на духови. Родители, роднини и пријатели кои ги изгубија своите зеници во очите, жалат по младите кои беа иднината на градот, а чии приказни прерано згаснаа.

Тагата што го обвива Кочани е неизмерна. Секој од нас изгуби пријател, сосед или роднина. Болката ја делиме сите ние – жителите на Кочани, но и целата нација, цела Македонија. Трагедијата во „диското“, како што го нарекуваа кочанчани, каде што животот го загубија најмалку 59 млади лица, три пати повеќе беа повредени, а сите присутни ќе носат белези до крајот на животот, остави траен белег и врз срцата на секој Македонец. Болката не е само лична, таа е колективна. Сликите од пламенот што го проголта местото каде што младите се радуваа на животот, ќе останат врежани во нашите спомени засекогаш.

Оваа трагедија мора да биде повик за будење, лиценцата не смее да биде новиот кабел, искрите немаат име и презиме… Не смееме да кажеме „да не се повтори“ додека одговорноста не се преслика во имиња, и не смееме да кажеме „да не дозволиме животите на овие млади луѓе да бидат залудно изгубени“. Тие се залудно загубени! Траумата од трагедијата во Кочани во себе ќе ја носат генерации кочанчани кои ќе жалат по загубата по цела една надежна генерација. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ