Болка, тага, изрази на сочувство од државниот врв: Загубата на младите животи е ненадомеслива, да се расветли случајот!

796

Болка, тага, изрази на сочувство, неверување дека можела да се случи таква ужасна трагедија се содржани во пораките што беа упатени вчера, по трагичниот настан во Кочани. Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, вчера ги посети настраданите лица во неколку болници, по што изјави дека ѝ е „несфатливо како може да се случи ова“.

– Ништо не можам да кажам. Страшно! Знам дека се тоа млади, храбри луѓе. Верувам дека повеќе од нив ќе се спасат, лекарите се тука. Не можам да сфатам како е можно да се случи ова. Некои од нив и контактираат, ама тоа е. Ја споделувам болката со родителите. Ова е нешто што морало однапред да се предвиди, бидејќи не е првпат да се соочиме со вакво нешто – рече Сиљановска-Давкова.

Најискрено сочувство упати собранискиот претседател, Африм Гаши.

– Нашите молитви и мисли се со сите погодени од оваа трагедија. Ги повикувам надлежните власти да се ангажираат со посветеност за целосно расветлување на случајот – порача тој.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, соопшти дека вчерашниот ден бил тежок и многу тажен за Македонија.

– Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и на пријателите е неизмерна. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие најтешки мигови – нагласи Мицкоски, додавајќи дека ќе направат сè за справување со последиците и за утврдување на причините за оваа трагедија.

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, со изрази на сочувство ги повика граѓаните да ја споделат болката.

– Ова е трагедија за Македонија и за сите наши граѓани. Мора да ја споделиме и поднесеме сите заедно, обединети, сплотени и солидарни како што биле некогаш нашите предци – наведе Димитриевски.

И претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, изрази сочувство до семејствата и до блиските на настраданите.

– Ова е црн ден за Македонија. Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива болка за семејствата, за нивните пријатели, за сите нас. Сега не е време за поделби, туку за обединување во тагата и во напорите да помогнеме – напиша Филипче.

Светиот синод на МПЦ-ОА упати зборови на утеха.

– Но, и во овие мигови на непоимлива скрб, да не заборавиме дека Бог е Бог на живите и дека во Него нема мртви. Оттаму, иако е невозможно да се најдат човечки зборови за утеха, сепак, утеха на семејствата и на блиските, но и на сите нам, нека ни биде верата дека споменот на праведниците е вечен и дека тие вечно ќе постојат во Вечноживиот Бог – се наведува во пораката на македонските владици. (Б. Ѓ.)

Најавена седумдневна жалост

Прогласување седумдневна жалост по трагедијата во Кочани се очекуваше да биде донесена на вчерашната владина седница, закажана за во попладневните часови. Најавено е и дека ќе биде донесен заклучок за итна и вонредна инспекција на сите ноќни клубови, дискотеки, ресторани што приредуваат забави. Од Владата вчера информираа дека за трагедијата е можно активирање на НАТО-системот за справување со несреќи.

 

ИЗДВОЕНИ